• среда, 03 јули 2024

Втора ноќ полициски час

Втора ноќ полициски час
Скопје, 11 март 2021 (МИА) – Во 22 часот, втора ноќ по ред, почна полицискиот час кој ќе трае до 05 часот изутрина. Во овој временски период движењето е ограничено. Од Министерството за внатрешни работи најавија дека и вечерва ќе има засилени контроли, и апелираа граѓаните да ја почитуваат мерката, а за оние кои нема да го сторат тоа ќе има прекршочни и кривични санкции. Полицискиот час ќе трае до 22 март. Одлуката завчера ја донесе Владата на предлог од Комисијата за заразни болести како рестриктивна мерка за спречување на ширењето на коронавирусот. Отстапки од забраната за движење ќе има за оние граѓани кои имаат потреба од итна медицинска помош. Одлуката за забрана за движење нема да важи и за патниците кои доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми, на кои како дозвола за движење ќе им се признаваат авионските карти. Оваа отстапка е иста и за патниците во меѓународниот превоз на патници. За транспортерите на лица и на стока како дозвола ќе се прифаќа патниот налог, додека транспортерите што транзитираат ќе имаат обврска најмногу за 3 часа да ја напуштат земјата од еден на друг граничен премин. За останатите граѓани, движењето во периодот од 22 часот до 05 часот ќе биде дозволено само со дозволи. Ќе важат истите дозволи кои важеа и минатата година кога беше воведен полициски час. На оние кои ги изгубиле дозволите, Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) ќе им издаде нови.са/

Остани поврзан