• четврток, 30 јануари 2025

Врховниот суд и МВР склучија Договор за соработка и побрзо користење на електронските услуги

Врховниот суд и МВР склучија Договор за соработка и побрзо користење на електронските услуги

Скопје, 30 јануари 2025 (МИА) - Врховниот суд на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи склучија Договор за соработка, размена на податоци во електронска форма и побрзо користење на електронските услуги.

Како што информира денеска Врховниот суд, целта на договорот е воспоставување меѓуинституционална соработка во врска со размената на податоци во електронска форма преку Националната платформа за интероперабилност и во согласност со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. Притоа се уредува формата на поединечните барања врз основа на кои ќе се врши електронската размена и описите на регистрираните сервиси кои можат да бидат предмет на електронска размена.

Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по потпишувањето на Договорот истакнаа дека преку заемните активности ќе се овозможи користење на електронските услуги и размената на податоци поради побрзо, побезбедно и поефикасно остварување на услугите, како значаен аспект на дигитализацијата и интероперабилноста во правосудниот сектор.

На средбата, како што се наведува, било истакнато дека во иднина ќе се интензивира соработката на Врховниот суд и Министерството за внатрешни работи како важен придонес во интерес на граѓаните, владеењето на правото, борбата против корупцијата и јавната доверба.

-Врз основа на овој договор, Врховниот суд ќе добие директен електронски пристап до базите на податоци кои ги води МВР за државјанство, за моторни возила и живеалиште и претстојувалиште. Овие податоци добиени преку платформата за интероперабилност со сервисите наведени погоре, исклучиво ќе се употребуваат за потребите на судските постапки, соопшти МВР.

МВР од своја страна со овој договор ќе добие пристап до базите на податоци за уверенија од казнената евиденција на физички и правни лица, уверенија во кривичната евиденција, уверенија за изречена забрана за вршење на дејност или должност и потврди за одземена деловна способност и овие податоци ќе може да се употребуваат за активни процеси и потреби на министерството.

- Овој процес е дел од стратешкиот приорите на дигитализација на процесите и услугите со цел овозможување на поврзани и ефикасни институции кои ќе овозможат брзи и ефикасни услуги за граѓаните, се вели во соопштението од МВР. мд/лв/

Фото: Врховен суд и МВР 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан