• четврток, 26 март 2026

Врачени уверенијата на новите советници на Општина Центар Жупа

Врачени уверенијата на новите советници на Општина Центар Жупа

Дебар, 31 октомври 2025 (МИА) – Претседателот на Општинската изборна комисија, Неџип Илјаз, на скромна свеченост им ги врачи уверенијата на кандидатите кои освоија советничко место во општина Центар Жупа. Новиот состав на советот го сочинуваат 9 членови или двајца помалку споредено со минатиот, поради помалиот број население според пописот.

Така, во советот на општината, три места обезбеди Демократската партија на Турците, по две советнички места имаат СДСМ и Движењето за национално единство на Турците и по едно ВМРО-ДПМНЕ и Партијата за движење на Турците.

-Максимално ќе се ангажираме за чесна и плодна работа во мандатот што ни претстои. Нашата посветеност ќе биде во служба на сите граѓани и напредокот на нашата општина, рече кусо Абдул Реџеп.

Поради необезбеден цензус од 1/3 од вкупното гласачко тело, во оваа општина нема втор круг, туку повторување на изборите за градоначалник, во рок од 60 дена од соопштувањето на официјалните резултати од изборите.

Во оваа општина, во трка за градоначалник беа тројца кандидати, Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, кој се бореше за четврт мандат(освои 950 гласови), Алил Емрула од Движење за национално единство на Турците(227) и Инает Баки од Партијата за движење на Турците(386).

На 19 октомври од вкупно 7.551 лице во единствениот избирачки список, правото на глас го остварија 1698 или 21,30 отсто. На повторените избори градоначалничкиот мандат ќе го добие кандидатот кој ќе има повеќе гласови. вт/вј/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан