• недела, 22 декември 2024

Вработени на охридскиот аеродром засадија дрвца покрај Охридското Езеро, а вработени на скопскиот аеродром во општина Илинден

Вработени на охридскиот аеродром засадија дрвца покрај Охридското Езеро, а вработени на скопскиот аеродром во општина Илинден

Скопје, 5 декември 2024 (МИА) - По повод Меѓународниот ден на волонтерството - 5 Декември, ТАВ Македонија, операторот на двата македонски аеродроми и подружница на ТАВ Аеродроми организираше садење дрвца во Општина Илинден и во Охрид. Во акцијата се вклучиле  волонтери – вработени на аеродромите во Скопје и Охрид.

Триесет и пет дрвја од видот чинар денеска биле донирани на Град Охрид од ТАВ Македонија и засадени покрај Охридското Езеро од страна на волонтери-вработени на охридскиот аеродром со цел да се збогати зеленилото на пешачката патека од плажата „Куба Либре“ до плажата „Горица“.

ТАВ Македонија вчера донирала 30 дрва од видот црвена слива на Општина Илинден, кои биле засадени од волонтерите – вработени на скопскиот аеродром во близина на Средното училиште „Илинден“, на градинката „Гоце Делчев“ и спортскиот комплекс во општината.

- Неизмерно сме горди на посветеноста и ентузијазмот што го покажаа нашите вработени. Практичната активност не само што има позитивно влијание врз животната средина и локалните заедници, туку и помогна да се поттикне тимскиот дух и заедничкото чувство за цел. Оваа иницијатива е моќен потсетник дека секоја акција, без разлика колку е мала, може да придонесе за поголема, позитивна промена. ТАВ Аеродроми е посветена на создавање одржливи решенија и среќни сме што ќе може да го следиме влијанието на овие новозасадени дрва,  изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Еколошките и волонтерски активности за садење дрва ТАВ Македонија ги организирала и ги спровела со поддршка на Општина Илинден и градоначалникот Александар Георгиевски и Општина Охрид и градоначалникот Кирил Пецаков. Јавните комунални претпријатија „Илинден“ и „Охридски комуналец“ помогнале со подготовка на почвата и теренот за засадување на дрвјата.

- Со овие две еколошки и волонтерски активности, организирани за да додадат вредност на локалните заедници каде што се наоѓаат аеродромите во Скопје и Охрид, ТАВ Македонија уште еднаш ја потврди својата посветеност на зелените донации предводени од волонтерите од својот персонал. Иницијативите за одржливост на ТАВ Аеродроми ќе продолжат, како и посветеноста на групацијата да обезбеди идните генерации да наследат поздрава, поодржлива планета, се наведува во соопштението. мд/нд/

Фото: ТАВ Македонија

Остани поврзан