• понеделник, 23 декември 2024

Во 2023 влегуваме без прогресивен данок, се размислува за времен данок на екстра профит

Во 2023 влегуваме без прогресивен данок, се размислува за времен данок на екстра профит

Во 2023 влегуваме без прогресивен данок, се размислува за времен данок на екстра профит

 

Скопје, 1 јануари 2023 (МИА) – Од 1 јануари не важи одредбата од Законот за личен доход со која се предвидуваше прогресивно оданочување, а нема да се оданочуваат ниту каматите на орочените депозити. Владата ги укина овие одредби од Законот за личен доход кој помина во Собрание.

Оданочувањето на каматите на орочените депозити се одлага до влезот на земјата во Европската унија, а образложението од Владата е дека во време на високи стапки на инфлација, важно е да се поттикнат граѓаните да штедат.

Прогресивната даночна стапка, која требаше да стапи во сила од 1 јануари, според Владата, отвара повеќе дилеми поради што оваа одредба се укина. Најавите се дека ќе се прават анализи и ќе се разгледаат други модалитети за поголема правичност во оданочувањето на личниот доход.

– Од аспект на принципот на праведност, ова решение отвора повеќе дилеми, на пример, ако едно лице во повеќечлено семејство има повисока плата, а останатите немаат никаков приход, со претходно поставеното решение тоа лице ќе требаше да плати повисок данок од лица во домаќинство каде сите заработуваат, поединечно помалку, но домаќинството има многу повисоки приливи, напиша неодамна министерот за финансии Фатмир Бесими во неговата колумна „Праведен даночен систем за одржлив, иклузивен и забрзан економски раст“.

 

Со даночната реформа што Владата ја презентираше на почетокот на декември, не се предвидуваат нови даноци, ниту зголемување на постоечките. Данокот на личен доход и данокот на добивка остануваат 10 проценти.

И данокот на додадена вредност останува 18 проценти, но поради актуелната економска криза, даночната стапка на основните прехранбени производи останува повластена и ќе изнесува пет проценти, додека полуксузните прехранбени производи, кои досега се оданочуваа исто така со пет проценти, ќе се даночат со стапка од 10 проценти за што во тек е изработка на листа на производи кои ќе се даночат со оваа стапка. Од 18 на 5 проценти се намалува и даночната стапка на производите за менструална хигиена.

Поради специфичните глобални економски услови, Владата го измени и првиот концепт за оданочување на данокот на добивка, па наместо првичниот предлог да се ослободат од плаќање на данок на добивка само инвестициите во дигитализацијата и во обновливите извори на енергија, сега реинвестираната добивка нема да се даночи за сите видови инвестиции. Од Владата најавуваат дека со законски измени ќе се утврдат механизми со кои ќе се оневозможи злоупотреба на ова ослободување, односно во случај обврзникот неправилно да ги применува одредбите за реинвестирана добивка, да биде задолжен со петкратен износ од данокот кој би го платил кога не би го користел ослободувањето.

 

Но, за да стапат во сила ваквите решенија потребно е во Собранието да поминат измените на Законот за данок на добивка и на Законот за додадена вредност, коишто сеуште стојат на дневен ред на 95. собраниска седница.

Оданочувањето на хонораците, кое беше едно од најкоментираните мерки што беа најавени како дел од даночната реформа, ќе почне да се применува од 2024 година за што ќе треба да се изготви и донесе соодветен закон. Хонораците, според најавите, ќе имаат можност на доброволна основа да плаќаат придонеси, и тоа на различна висина од плата, минимална, просечна или до два милиони денари.

Во опција да се воведе времен данок на екстра профит, во буџетот би се слеале 90 милиони евра

Одделно од даночната реформа, Министерството за финансии води разговори со стопанските комори за воведување на вонреден данок на екстра профит по примерот на европските држави како што се Велика Британија, Хрватска, Италија, Унгарија… Иницијативата за воведување на ваков данок, според министерот за финансии, произлегла од јавната дебата што се водеше за концептот на даночна реформа.

Данок

Она за што во моментот се разговара е оние компании кои во последните четири години имаат над 10 милиони евра приходи на годишно ниво, при што тоа е 20 отсто повеќе од четиригодишниот просек, дополнително да им се оданочат екстра приходите.

Проценките се дека со овој данок би биле опфатени околу 180 компании, а во буџетот би се слеале 90 милиони евра плус, средства кои би се насочиле кон антикризните мерки.

Билјана Анастасова-Костиќ

фото: МИА архива

Остани поврзан