• четврток, 10 јули 2025

Во Штип се одбележаа 30 години УНДП во Македонија

Во Штип се одбележаа 30 години УНДП во Македонија

Штип, 12 јуни 2025 (МИА) – Невладини организации, компании, училишта, општините од источниот регион денеска во Штип беа дел од одбележувањето на 30 години УНДП во Македонија. По тој повод на пешачката улица „Ванчо Прќе“ беа поставени штандови, производи и слики, кои сведочат за инвестициите и поддршката на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Општина Штип и Брегалничкиот регион. Постојаниот претставник на УНДП во Македонија Армен Григорјан, во своето обраќање истакна дека по големата трагедија во Кочани упатува порака на длабока на солидарност и издржливост.  

Григорјан рече дека денешното одбележување на јубилејот не е само прослава за присуството на Програмата на ООН за развој на нашата земја, туку под мотото „30 години УНДП –заедно за подобра иднина“ се прославуваат заедничките партнерства и довербата.

- Овој настан организиран во тесна соработка со општините од Источниот плански регион, а на којшто домаќин е Општина Штип го симболизира поентата на она што е на ова патување и всушност ние направивме една пресметка и се покажа дека 70% од проектите и работата не се во главниот град, туку се во различните региони. Во источниот регион навистина сме горди што имаме работено во сите општини, рече Григорјан.

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински во својот говор рече дека времето поминува незабелижително, но резултатите од инвестициите и помошта на УНДП остануваат трајни. Тој истакна дека УНДП ја поддржува Владата во реализација на Програмата, која е насочена кон економски напредок и развој на целата држава, а главниот фокус беше процесот на децентрализација, преку помош на општините во јакнење на капацитетите, нивните услуги и вклучување на граѓаните во донесувањето на одлуките.

-Нашето партнерство претставува пример за ефиктивна и доверлива институционална соработка за унапредување на локалниот развој и градење на инклузивни, одржливи и отпорни општини. Меѓутоа тоа е процес, којшто постојано мора да се негува и унапредува, со цел успешната соработка и постигнување на посакуваните резултати да бидат визибилни, рече Перински.

Министерот Перински додаде дека поддршката на УНДП е значајна и суштинска во јакнењето на Советите на општините, а токму благодарение на оваа соработка голем дел од општините се пофункционални, потранспарентни и подготвени да одговорат на потребите на своите граѓани.

-Меѓу позначајните заеднички активности е и поддршката на процесот за измени на Законот за локална самоуправа, којшто во моментов е во Собраниска процедура, за првпат во овие две децении овој Закон беше отворен за реформи, поставувајќи посовремени услови за ефикасно, отчетно и поефиктивно управување на локално ниво, вели Перински.

Тој додаде дека поддршката е голема од страна на УНДП преку грантови за инфраструктурни проекти за општините, како и за изработка на техничка документација. Во 23 општините веќе се дигитализирани, а до крајот на 2026 година ќе бидат дигитализирани сите општини во земјата.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов рече дека во изминатите три години заедно со тимот на УНДП реализирани се активности за побрзо вклучување на Ромите, во делот на економското зајакнување и овозможување услови за образование за возрасни.

-Истовремено работевме и на социјалната кофезија на локалното население со повратниците, при што во рамки на проектот се изгради спортско и детско игралиште и парк во рамки на планираната населба за домување во Општина Штип. Во регионот УНДП донаторите дадоа голем придонес во јакнењето на капацитетите на општинската админситрација и во вклучувањето на граѓаните во процесите на донесување на одлуки чиј резултат е и во осветувањето на река Отиња, вели Јорданов.

Тој додаде дека во моментов се реализира и проект, односно изготовка на техничка документација за платформата И Логес за е-услуги, а се спроведува во сите општини на Источно планскиот регион.

Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Дејан Мираковски се заблогодари на 30 годишната соработка со УНДП на различни проекти, а пред се во делот на загадувањето на воздухот, како и во поддршката за јакнење на капацитетите на лабараторијата АМБИКОН. вдј/цр

Фото: МИА 

Остани поврзан