• понеделник, 23 декември 2024

Во Штип пријавени 145 болни и немоќни за гласање на ден пред Локалните избори

Во Штип пријавени 145 болни и немоќни за гласање на ден пред Локалните избори
Штип, 10 октомври 2021 (МИА) - Заврши рокот за пријавување на болните и изномоштени лица, кои можат да гласаат во своите домови ден пред Локалните избори. Претседателот на Општинската изборна комсија (ОИК)-Штип, Виктор Вацев вели дека до полноќ пријавени се 145 болни и немоќни лица. - Моментално како база на податоци ги обработуваме и седницата на Општинската изборна комсија ќе биде на 12 октомври во 10 часот, на којашто ќе ги разгледуваме сите пристигнати барања. За гласачите кои се позитивни на коронавирусот или се во изолација можат да се пријават до утре на полноќ, а исто така и тие ќе гласаат во сабота, вели Вацев. Од бројот на пријавени гласачи позитивни на коронавирусот ќе зависи и колку тима составени од лекари ќе се формираат, за да ги посетат во нивните домови и да го остварат своето право на глас. Посочи дека сите Избирачки места во Општина Штип имаат услови за гласање за граѓаните, но и членовите на избирачките одбори да функционираат. Извршена е обиколка на местата пред неколку дена и сите имаат услови за гласање. Избрана е и такси компанија, која ќе ги превезува членовите на избирачките места. Дезинфекција на гласачките места ќе се прави во сабота, а исто така ќе се дезинфецираат и во неделата вечерта, кога завршуваат изборите. - Апартите за отисок од прст пристигнуваат 72 часа пред гласањето, заедно со гласачките ливчиња и избирачките списоци. Значи со целиот доверлив материјал. Општинската изборна комисија ги добива запечатени со посебни серијски броеви и нема право да ги отвара таквите читачи и со посебен записник ги предава на претседателите на избирачките одбори, вели Вацев. На Локалните избори во Општина Штип право на глас имаат 42.045 граѓани, има вкупно 80 избирачки места. вдј/мс/

Остани поврзан