• понеделник, 23 декември 2024

Во Штип вечерва со ноќна трка почнува одбележувањето на Денот на ослободувањето

Во Штип вечерва со ноќна трка почнува одбележувањето на Денот на ослободувањето

Штип, 7 ноември 2023 (МИА) - Со Осмоноемвриска ноќна трка, вечерва ќе започне одбележувањето на Денот на ослободувањето на градот Штип. На потегот од мостот кај градската црква „Свети Никола“ до Гимназијата „Славчо Стојменски“ за медали и пехари ќе трчаат основците од петте основни училишта во градот, средношколците од четирите средни училишта и припадниците на македонската Армија. За време на трката улицата ќе биде затворена за сообраќај.

-По повод одржување на традиционална ноќна трка, ве известуваме дека денес од 17:00 до 19:00 часот на потегот од црквата „Свети Никола“ до Гимназијата „Славчо Стојменски“ ќе биде запрен сообраќајот и забрането паркирањето на паркинг просторот. Молиме возилата да ги користат паркинг-позициите на други локации, се вели во писменото соопштение од ЈП „Стипион“-Штип.

Трајче Здравков, шеф на кабинетот на градоначалникот на Општина Штип вели дека Програмата за Денот на ослободувањето ќе продолжи и утре, кога централниот настан е 79. свечена седница на Советот на Општина Штип.

-По повод 79-годишнината од ослободувањето на градот Штип, Локалната самоуправа организира низа настани, коишто започнуваат оваа вечер, во 18:00 часот, со традиционалната ноќна трка. Утредента, на самиот Ден на ослободувањето – 8 Ноември, од 10:00 часот ќе се полагаат букети-цвеќе на Комплексот на револуцијата, на тврдината Исар. Од 11:00 часот, градоначалникот и претседателот на Советот ќе присуствуваат на Митровденските средби во Библиотеката „Гоце Делчев“, каде што ќе бидат промовирани новите доктори на науки и од 12:00 часот, во Економскиот факултет, ќе биде одржана свечена седница на Советот на Општина Штип, на која ќе бидат доделени Осмоноемвриските признанија за исклучителни достигнувања и промоција на градот Штип, вели  Здравков.

МИА претходно информираше дека  годинава Советот одлучи да се доделат десет признанија на граѓани и здруженија кои придонеле за развојот на градот во својата област на дејствување. Меѓу нив се д-р Светлана Кордумова-Трајанова, тројца професори – д-р Дарко Лазаров, д-р Андон Мајхошев и Тоше Митров. Признанија ќе се доделат и на прим. д-р Ванчо Органџиски, Далибор Николовски – Дачо, Бобан Данов, Здружение на акцијаши-волонтери „Пат на младоста“ - Штип, Центар за балетска уметност „Арабеска“ и Јога друштво Штип – Центар за јога обука. вдј/мд/ 

Фото: МИА 

Остани поврзан