• вторник, 05 ноември 2024

Во штипскиот Ковид центар не е мал бројот на хоспитализирани пациенти

Во штипскиот Ковид центар не е мал бројот на хоспитализирани пациенти

Штип, 6 јануари 2021 (МИА) - Во штипскиот Ковид центар не е мал бројот на хоспитализирани пациенти за време на Новогодишните и Божиќни празници, информира началничката на Инфективното одделение во Клиничка болница-Штип, Дијана Шишкова.

Во моментот, на Инфективното се лекуваат 48 пациенти, на Кожното одделение, каде се полесните случаи, има двајца пациенти, а на Анестезиологија четворица пациенти, кои се во тешка здравствена состојба.

-Бројот на хоспитализирани не е мал, но за среќа помалку пациенти се примаат на одделение. Амбулантата работи со помал број на амбулантски прегледи и за разлика од претходно кога имавме 75, сега имаме 35 или 40 пациенти на дневно ниво, вели Шишкова.

Забележува дека се уште има пациенти со компликации од болеста. Тоа се пациенти, кои биле по десетина дена на домашно лекување или занемарени  и кои доаѓаат со тешки компликации.

Прашана дали по празниците очекуваат повторно поголем притисок за хоспитализирање на пациенти во Ковид центарот, Шишкова се надева дека луѓето се свесни и дека го избегнуваат дружењето и собирањето по домовите.

Градоначалникот на Штип, Сашко Николов, кој го раководи и Општинскиот кризен штаб, вели дека извештаите на СВР-Штип и несобирањето на традиционалните коледарски огнови се одличен сигнал за почитување на мерките. Тој се надева дека одговорноста и дициплината, што штипјани ја покажале во изминатиот период, ќе даде резултат и коронавирусот нема да се шири во големи размери, а бројот на хоспитализирани пациенти да оди во надолна линија.

Штипскиот градоначалник информира дека во фаза на реализација е и создавањето на солидарен фонд за бесплатни маски за граѓаните на општината.Очекува на 15 јануари, кога ќе има Совет на Општината, оваа точка да биде ставена на дневен ред, по што ќе се формира солидарниот фонд за собирање на средствата. вдј/бак/

 

Остани поврзан