Во црквите во Штип почна пријавувањето на верниците за Богојавление
- Почна пријавувањето на православните верници кои на 19 јануари, на Богојавление ќе влезат во водите на река Брегалница, каде ќе биде положен светиот крст.
Штип, 13 јануари 2026 (МИА) - Почна пријавувањето на православните верници кои на 19 јануари, на Богојавление ќе влезат во водите на река Брегалница, каде ќе биде положен светиот крст.
Протојереј Добрица Јанев од Брегалничка епархија вели дека пријавувањето се врши во храмовите „Свети Никола“ и „Успение на Пресвета Богородица“ за верниците од Штип. Условите за учество се исти како и претходните години – кандидатите мора да бидат крстени, постари од 16 години и здравствено способни. Малолетните лица задолжително треба да бидат во придружба на родител или старател.
- Препорачувам на сите оние кои ќе се пријават и што нема да го поминат здравствениот преглед да не ризикуваат за своето здравје и да не влегуваат во водите на реката Брегалница. Докторите нам ќе ни дадат список, кои кандидати се здравствено неподготвени за овој чин. Препорачувам да не конзумираат алкохол пред влегувањето во реката, да бидат телесно подготвени и со тоа што во 8:30 часот, кога ќе почне богослужбата в понеделник тие да дојдат овде, каде ќе им бидат доделени и маички, a потоа сите заедно ќе се упатиме литиски со песна и радост кон реката Брегалница, изјави Јанев.
Тој потсети дека минатата година имало околу 105 кандидати, а годинава се очекува и поголем број.
-Досега се уште нема пријавени бидејќи списокот е ставен од изутрина, така очекуваме да се пријават. Ланската година според нашата евиденција имало околу 105 кандидати. Бројките се релативна работа, но кој што се чувстува подготвен, да повели. Тоа не треба да биде само за да собира пари по градот, туку да му биде подвиг за да го извади крстот, рече Јанев. вдј/мд/
Фото: МИА