• недела, 22 декември 2024

Во Хрватска лани родени 32.170 деца, најмалку од 1991 година

Во Хрватска лани родени 32.170 деца, најмалку од 1991 година

Загреб, 16 октомври 2024 (МИА) - Во Хрватска минатата година се родени најмалку деца од 1991 година, а животниот век е за три години пократок од просекот на ЕУ, покажуваат податоците на Хрватскиот завод за јавно здравје (ХЗЈЗ) за природното движење на населението во 2023 година.

Според овие податоци, минатата година во Хрватска се родени 32.170 деца. Хрватска во последните три децении е една од земјите со низок наталитет - во 1997 година, на пример, во таа земја се родиле 55.501 дете, во 2000 година имало 43.746 новороденчиња, а од 2013 година и влезот на Хрватска во ЕУ, тој број падна под 40.000 и продолжи да се намалува.

Лани, според истите податоци, паднала и смртноста - имало 51.275 умрени, за 5.704 помалку од 2022.

Стапката на природниот прираст била негативна и изнесувала -5,0, односно имало 19.105 умрени повеќе од родени.

Речиси сите окрузи имаат негативен природен прираст, со најлоша состојба во Личко-Сењска, Приморје-Горски Котар и Карловац, а најдобра е во округот Меѓумурје.

Според податоците на Евростат, очекуваниот животен век кај мажите се зголемил од 74,6 на 75,4 години, додека кај жените од 80,8 на 81,8 години. Очекуваниот животен век во Хрватска е три години пократок од просекот на ЕУ, па така лани во Хрватска просекот за двата пола бил 78,6 години, а во ЕУ 81,5 години.

ХЗЈЗ објави и извештај за абортуси во здравствените установи во 2023 година, според кој се евидентирани 3.015 легално предизвикани абортуси или 9,3 абортуси на сто раѓања. Бројот на абортуси минатата година во Хрватска бил за 23 помалку од 2022 година. паг/

 

 

Остани поврзан