• понеделник, 23 декември 2024

Во Франција нови штрајкови и протести поради најавената пензиска реформа

Во Франција нови штрајкови и протести поради најавената пензиска реформа
Париз, 7 март 2023 (МИА) - Синдикатите во Франција денеска ќе организираат нови демонстрации и штрајкови во акција против пензиските реформи, кои се очекува да бидат меѓу најмасовните од почетокот на протестите во средината на јануари.

Според организаторите, најголемата акција против законот на претседателот Емануел Макрон ќе се одржи денеска по речиси два месеца протести.

Предлог-законот оваа недела се разгледува во францускиот Сенат и се очекува да биде усвоен.

Ова е шести ден акција откако на 19 јануари започнаа протести или штрајкови во повеќе сектори.

Ѓубреџии, комунални работници и машиновозачи се меѓу работниците кои денеска штрајкуваат низ Франција за да покажат гнев поради предложениот закон за зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години, што синдикатите го гледаат како поширока закана за социјалниот модел на Франција.

Генералниот секретар на синдикатот ДФЦТ, Лоран Бержер, смета дека денеска ќе биде исклучително силен ден на мобилизација и го повика претседателот Емануел Макрон да не ги игнорира тие повици.

Според еден полициски извор, денеска се очекува на улиците да излезат меѓу 1,1 и 1,4 милиони луѓе. Синдикатот ЦГТ предвидува вкупно 265 собири низ целата земја.

Синдикатите се заканија дека ќе ја доведат француската економија во застој со прекини на работа во неколку сектори, а најмногу со штрајкот на националната железница, СНЦФ.

Една петтина од летовите беа откажани на парискиот аеродром Шарл де Гол и околу една третина на Орли. Возовите за Германија и Шпанија се очекува да бидат стопирани, додека возовите од Велика Британија ќе бидат намалени за една третина, соопшти железницата.

Исто така, повеќе од 60 отсто од наставниците во основните училишта ќе штрајкуваат, како и другите вработени во јавните служби.

Според предложената пензиска реформа, старосната граница за пензионирање од 62 ќе се зголеми на 64 години, а за целосна пензија ќе бидат потребни 43 години работа.

Анкетите покажуваат дека мнозинството француски гласачи се против предлог-законот. Пратениците од левицата велат дека компаниите и богатите треба повеќе да придонесат за финансирање на пензискиот систем.

Владата очекува реформата да биде усвоена во Сенатот до недела и планира да гласа во двата дома на Парламентот овој месец. паг/

Остани поврзан