• четврток, 21 ноември 2024

Во Тирана се одржува Самит на Берлински процес

Во Тирана се одржува Самит на Берлински процес

Тирана, 16 октомври 2023 (МИА) – Во Тирана денеска ќе се одржи Самитот на Берлинскиот процес, првпат да се организира во земја која не е членка на Европска Унија.

Теми на работните сесии ќе бидат интеграцијата на Западен Балкан на единствениот пазар на ЕУ и зелената и дигиталната транзиција, а на агендата на работниот ручек ќе бидат добрососедските односи и билатералните прашања.

Се очекува ситуацијата во северно Косово по конфликтот во Бањска да биде меѓу главните теми на разговор меѓу лидерите на ЕУ и Западен Балкан.

Во пресрет на самитот во Тирана видливо е зголеменото присуство на припадниците на безбедносните сили, а вчера и денеска некои од главните патишта ќе бидат затворени за сообраќај. За безбедноста се ангажирани над 1.600 полициски службеници и 400 гардисти.

Албанските медиуми објавија дека претседателот на Франција, Емануел Макрон нема да присуствува поради терористичкиот напад во Арас. Но, Макрон денеска попладне ќе пристигне во Тирана, бидејќи утре е во посета на земјата и ќе има билатерални средби со високи функционери. Првпат претседател на Франција е во посета на Албанија.

Франција на Самитот ќе ја претставува француски државен секретар за европски прашања, Лоренс Бун.

Најавено е дека во рамките на Самитот ќе биде потпишан договор за признавање на професионалните квалификации меѓу земјите од регионот.

На крајот од Самитот предвидени се изјави на премиерот на Албанија Еди Рама, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и германскиот канцелар Олаф Шолц.

Берлинскиот процес е формат на годишни состаноци инициран од германската влада на канцеларката Ангела Меркел во 2014 година, кога во Берлин се одржа Конференцијата за Западен Балкан. По тој Самит во Берлин, домаќини беа Виена во 2015 година, Париз во 2016 година, Трст во 2017 година, Лондон во 2018 година, Познан во 2019 година, Софија во 2020 година и Берлин во 2022 година.

Целта на процесот е да се забрза соработката со шесте земји од Западен Балкан и интеграцијата на тој регион во ЕУ. Иницијативата главно се фокусира на решавање на билатералните и внатрешните проблеми во регионот и подобрување на економската соработка, која би била основа за одржлив развој на регионот.

На претходниот Самит во Берлин беа потпишани три договори за мобилност во рамки на Акцискиот план за заедничкиот регионален пазар – за слобода на движење со лична карта, за признавање на високообразовните квалификации и за признавање на професионални квалификации на доктори по медицина, стоматолози и архитекти. вт/ми/

фото: лого

Остани поврзан