• недела, 22 декември 2024

Во Тиквешко се верува дека на денешениот празник Преображение првпат во годината треба да се набере грозје

Во Тиквешко се верува дека на денешениот празник Преображение првпат во годината треба да се набере грозје

Кавадарци, 19 август 2023 (МИА) – Во Тиквешко се верува дека на денешниот верски празник Преображение на Господ Исус Христос, за прв пат во годината треба да се набере грозје, потсетуваат од Музеј галеријата во Кавадарци, во врска со дел од обичаите во етничкиот предел Тиквеш, како традиција и култура на населението, кои се вкоренети и опстојуваат на овие простори.

- Празникот Преображение Господово спаѓа во големите празници што ги празнува Светата Христова црква. Според народното верување, на 19 август првпат во годината се бере грозје и се носи во црквата каде што свештеникот по молитвата го благословува. Ова е чин на благодарност кон Господа за сите дарови на земјава. На Преображение во црквата се дава нафора и грозје. Тоа не е нафора во вистинската смисла на зборот, туку само благодарност кон Господа за плодовите, пренесуваат од Музеј галеријата.

Оттаму нагласуваат дека во народот постојат повеќе верувања поврзани со овој празник.

- Поради заладувањето на времето се верува дека на тој ден се преобразува природата. Лисјето на дрвјата почнуваат да венеат, а и водата станува студена, поради што, на Прображение луѓето за последен пат се бањаат во реките.

Очигледно, празникот Преображение на Господ Исус Христос има длабока смисла во животот на нашиот народ. Еден важен период од годината кога и времето се преобразува, заладува и тргнува кон есента, тоа оставало впечаток и во свеста на нашиот народ, па така нашло место и во неговите верувања и во народните умотворби, додаваат од Музеј галеријата. свд/ир

Фото: МИА

Остани поврзан