• петок, 22 ноември 2024

Во тек е селекција на кандидати за основна обука за полициски службеници при МВР

Во тек е селекција на кандидати за основна обука за полициски службеници при МВР

Скопје, 30 септември 2023 (МИА) – Во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи во Идризово во тек е процесот на селекција на кандидати за дванаесетмесечна основна обука за полициски службеници, во генерацијата 2023-2024.

Како што информираат од МВР,  огласот бил распишан за прием на 600 извршители на работно место полицаец за работа во МВР, објавен на 10 август 2023 година и на него се пријавиле 1.458 лица.

- Годинава вкупно се пријавени 1.458 лица, од кои 1.105 се мажи и 353 жени, поради што можам да констатирам дека од година во година се пријавуваат сѐ повеќе жени. Селекцијата на кандидатите започна на 27 септември, со утврдување на исполнетоста на посебните услови, како што се потребната висина и проверка на моторичките способности. Обуката се состои од теоретска настава и ситуациони вежби, кои се спроведуваат овде во Центарот за обука, но и практичен дел на стекнување на вештини, кои се изведуваат во полициските станици, при Секторите за внатрешни работи, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Тој појасни дека моделот на полициската едукација кој го спроведуваат е заснован на годишна наставна програма, во која се опфатени активности и задачи низ три модули на стекнување нови знаења и вештини од областа на полициското работење.

- Тука би ја споменал и исклучително важната реформа којашто ја спроведовме, а со која го променивме и концептот на вработување на полициските службеници, преку измените на Законот за внатрешни работи и Законот за полиција од март 2022 година, согласно новиот Колективен договор со Македонскиот полициски синдикат. Станува збор за забрана за членување во политичка партија и  задолжителен тест за интегритет и увид во имотната состојба, со цел спречување  на корупцијата и на злоупотребата на службената положба и јакнење на интегритетот на секој работник, дополни министерот. ар/ев/

ФОТО/МВР

Остани поврзан