• понеделник, 23 декември 2024

Во Струмица се одржа промотивно-хуманитарен настан на Фондацијата „Елеуса“-„Љубовта е давање-давањето е радост“

Во Струмица се одржа промотивно-хуманитарен настан на Фондацијата „Елеуса“-„Љубовта е давање-давањето е радост“

Струмица, 26 ноември 2023 (МИА) - Синоќа во Струмица се одржа промотивно-хуманитарен настан на Фондацијата „Елеуса“-„Љубовта е давање-давањето е радост“ на кој беа презентирани реализираните активности во текот на оваа година.

Фондацијата „Елеуса“ одбележа една година од давањето топли оброци за секој, биле поделени 750 пакети со хуманитарна помош, донирани се монитори за интензивна нега на Детското одделение при Струмичката болница, организирани се повеќе трибини на актуелни теми, две хуманитарни изложби и два концерти, проекции на два филма, хуманитарна поетска вечер, работилници и обуки.

Во обраќањето Викарниот епископ Стобиски Јаков истакна дека најважно е давањето љубов, односно да се научиме да бидеме човекољубиви.

-Христос се поистоветува пред се со оние што страдат на овој свет. Затоа постои фондацијата „Елеуса“ и затоа кога зборуваме за „Елеуса“, за дејноста која ја врши, не зборуваме за хуманост, туку зборуваме за човечност, зборуваме за стремеж кон вечноста, зборуваме за остварување на љубовта и за смислата на нашето постоење, зборуваме за Богопознание, зборуваме за човекољубие и за Богољубие. Оти нема друга начин да се научиме да бидеме милостиви, да бидеме човекољубиви надвор од него, рече владиката Јаков.

На настанот настапи ВИС „Стихири“, а беше промовирана и веб страницата на Фондацијата. рт/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан