Во Струмица изложба „10во12“ на ликовниот уметник Костадин Батев
- Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ во соработка со кафе бар „Нагоре“, денеска ќе ја отворат изложбата на дела мал формат насловена „10во12“ на ликовниот уметник Костадин Батев.

Струмица, 6 април 2024 (МИА) - Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ во соработка со кафе бар „Нагоре“, денеска ќе ја отворат изложбата на дела мал формат насловена „10во12“ на ликовниот уметник Костадин Батев.
- Во овој избор насловен „10во12“ ќе видиме 12 дела изработени во мал формат изминативе 10 години. Тие претставуваат своевиден пресек на една декада творење на Костадин Батев и претставуваат целина од неколку засебни минијатури, графики и акварели кои коегзистираат и како засебни единки и како целина. Костадин Батев е познат на струмичката публика, неговото творештво е веќе дел од колективната меморија на струмичките колекционери и љубители на уметноста, тој како учесник на Меѓународната ликовната колонија и со своја самостојна изложба веќе ги има претставувано своите сликарските светогледи пред своите сограѓани. Големиот формат кој е вообичаена работна површина за одомаќинување на разновидните претстави од имагинативниот свет на Батев се импозантни, неговиот стил на сликање е автентичен, не само во рамките на македонската ликовна сцена, туку и пошироко, соопштија од здружението „Контекст-Струмица“. цр/
Фото: Здружение за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“