Во Србија се повторува гласањето на 35 избирачки места, бојкот на коалицијата „Србија против насилството“
- На 35 избирачки места во Србија денеска се повторува гласањето за вонредните парламентарни избори, што се одржаа на 17 декември.
Белград, 30 декември 2023 (МИА) - На 35 избирачки места во Србија денеска се повторува гласањето за вонредните парламентарни избори, што се одржаа на 17 декември.
На повторените избори, кои коалицијата „Србија против насилството“ претходно најави дека ќе ги бојкотира, избирачките места се отворени во 7 часот, а гласањето ќе трае до 20 часот, до кога трае изборниот молк.
Како што соопшти Републичката изборна комисија (РИК), гласањето за пратеници се повторува на одредени избирачки места во Ниш и Суботица, како и на некои избирачки места во општините Бабушница, Бојник, Велико Градиште, Власотинце, Трстеник, Жагувица, Коцељева, Лебане, Петровац на Млава, Пландиште, Рашка, Шврљиг, Тутин, Ќуприја, Аранѓеловац, Косјериќ, Кула, Топола и Ќуприја.
Ќе се гласа и на три избирачки места за градското собрание на Белград, на избирачкото место број 73 во општина Вождовац и на избирачките места број 15 и 122 во општина Нови Белград.
Коалицијата „Србија против насилство“ претходно најави дека нема да учествува на повторените избори, бидејќи не сака да учествува во продолжувањето на „изборниот фалсификат“.
Претставници на оваа коалиција од 18 декември организираат протести во Белград со барање да се поништат изборите, поради нерегуларности и прекршување на изборната волја на граѓаните, а повеќе пратеници и функционери на партиите кои ја сочинуваат изборната листа на „Србија против насилството“ штрајкуваат со глад. рп/