• петок, 22 ноември 2024

Во Србија огромна загаденост на воздухот, алармантно во Ваљево, а Белград прв во Европа

Во Србија огромна загаденост на воздухот, алармантно во Ваљево, а Белград прв во Европа
Белград, 15 јануари 2020 (МИА) - Најновите податоци на сајтот Ер Вижуал, кои го прикажуваат загадувањето во светот, покажуваат дека индексот на загадување на воздухот е многу висок во Ваљево и Косјериќ, каде квалитетот на воздухот е во категоријата „многу нездрав“ или „нездрав“. Белград утрово е петти најзагаден град во светот и прв во Европа. Големо загадување има и во Панчево, Смедерево, Ужице, Бор и Ниш. Како што јави дописникот на МИА од Белград, индексот за квалитет на воздухот се влошува. Во Ваљево, според податоците на Агенцијата за заштита на животната средина, концентрацијата на ПМ-10 и ПМ-2,5 честици надминува 300 нанограми на метар кубен и тој град е означен дека има „многу нездрав воздух“, а утринава спаѓаше во категоријата „опасен по здравјето.“ Поради загадувањето на воздухот во српските градови, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ порачаа дека нема потреба од паника и укажаа на важноста на примена на мерките за заштита во услови на загадување на воздухот, меѓу кои се чувствителните лица да го ограничат престојот на отворено во утринските часови и навечер. - Ова ги вклучува луѓето со хронични респираторни заболувања и со кардиоваскуларни заболувања, мали деца и постари лица, порачаа од Батут. Кога станува збор за здравата популација, од Институтот препорачаа во деновите со зголемено ниво на загадување да не се спроведува физичка активност на отворено. Медиумите ја преноесоа изјавата на Дејан Жујовиќ, пулмолог и раководител на Одделот за интервенција на белградскиот Институт за белодробни заболувања и туберкулоза, според кој „со овој квалитет на воздухот има двојно повеќе пациенти“. Опозицискиот Сојуз за Србија (СзС) денеска оцени дека екстремното загадување на воздухот во Србија уште еднаш ја покажува неодговорноста на власта и негрижата за граѓаните и нивното здравје, повикувајќи да се преземат итни мерки за намалување на загадувањето. - Иако градовите во Србија, особено Белград, повеќе месеци се меѓу најзагадените градови во светот, ниту градската ниту централната власт не презедоа никакви мерки за информирање на јавноста, ниту за спроведување на мерки за намалување на загадувањето, се вели во соопштението на СзС. Тие побара утврдување на одговорност за загадувањето, од премиерката Ана Брнабиќ преку министерот за животна средина Горан Триван до шефовите на локалните самоуправи. Министерот за животна средина, Горан Триван денеска реагираше и изјави дека ресорното Министерство сторило сé што може за да го намали загадувањето на воздухот, оценувајќи дека локалните власти се законски одговорни за квалитетот на воздухот на нивната територија, но повеќето од нив немаат план за заштита. Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, за денеска попладне свика итен состанок на Владата во врска со квалитетот на воздухот и преземените мерки. об/гт/

Остани поврзан