• недела, 22 декември 2024

Во Србија напладне ќе бијат камбаните во сите храмови, поставени и билборди со текст „Ние не сме геноциден народ“

Во Србија напладне ќе бијат камбаните во сите храмови, поставени и билборди со текст „Ние не сме геноциден народ“

Белград, 23 мај 2024 (МИА) - Генералното собрание на ОН денеска ќе гласа за резолуцијата со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и осуда на негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници.

Истовремено во Србија напладне по благослов на патријархот Порфириј ќе бијат камбаните во сите православни храмови, повикувајќи го „верниот народ на молитва, смиреност, меѓусебна солидарност и непоколебливост во правењето добро, и покрај целосно лажните и неправедни обвинувања на кои се изложени во ОН“, јави дописникот на МИА од Белград.

Патријархот Порфириј го повика српскиот православен народ да се обедини во молитва за правда и мир за сите народи, особено за оние со кои дели заедничка историја со векови.

Паралелно во Белград и градовите во Србија на билбордите е истакнат текстот „Ние не сме геноциден народ“- Горда Србија и Српска, а ист текст е поставен и на Кулата Белград.

Истиот текст на своите социјални мрежи го имаат поставено речиси сите претставници на државниот врв.

Медиумите ги пренесуваат пораките на претседателот Александар Вучиќ и делегацијата од Њујорк за дипломатската борба во докажувањето дека Србите не се геноциден народ.

Вучиќ во Њујорк синоќа изјави дека при гласањето на резолуцијата за Сребреница „ќе се види кои се пријатели, а кои лажни пријатели на Србија“.

- Утре ми е најтешкиот ден во политичка смисла откако станав претседател или премиер. За мене ова е Видовдан. Ќе видам дали ќе му се спротивставам на најголемиот, најмоќниот, најдрскиот, најнепромислениот, од кого во претходните неколку дена речиси сите побегнаа или се повлекоа уплашени од бруталните закани, рече Вучиќ.

Гласањето во ГС на ОН ќе биде во 16 часот. об/паг/

Остани поврзан