• вторник, 14 јануари 2025

Во реонот на Лос Анџелес на сила се црвени аларми поради силните ветрови и можното ширење на пожарите

Во реонот на Лос Анџелес на сила се црвени аларми поради силните ветрови и можното ширење на пожарите

Лос Анџелес, 14 јануари 2025 (МИА)  - Продолжуваат напорите за гаснење на пожарите во областа на Лос Анџелес, а на сила е црвено предупредување бидејќи од денеска до среда попладне се очекуваат силни ветрови кои би можеле да влијаат на ширењето на пожарите.

Пожарот во Палисадес, кој избувна на 7 јануари, уништи околу 5.000 објекти и 14 отсто беше локализиран, објави телевизијата ЕјБиСи. Пожарот во Итон, кој исто така започна на 7 јануари, уништи или оштети околу 7.000 згради, а 33 отсто беа изгаснат.

Во гаснењето на пожарите учествуваат повеќе од 15.000 луѓе и 1.900 противпожарни возила.

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп сака да отпатува во Лос Анџелес по неговата инаугурација на 20 јануари, изјавија извори за Си-Би-Ес. Според нив, тоа би можело да се случи веќе следната недела. 

Најмалку 24 лица загинаа, а десетици се водат како исчезнати во пожарите во областа Лос Анџелес.

Наредбата за задолжителна евакуација останува во сила за 92.000 луѓе, а уште 89.000 жители се под предупредување за евакуација. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан