• четврток, 02 април 2026

Во Пустец отворена изложба „Македонското малцинство во Пустец – наследство од генерација на генерација"

Во Пустец отворена изложба „Македонското малцинство во Пустец – наследство од генерација на генерација

Пустец, 4 јануари 2026 (МИА) -  Во рамки на проектот „Македонското малцинство во Пустец – наследство од генерација на генерација“, денеска во Пустец беше отворена  изложба на фотографии на уметникот Роланд Бекирај.

Проектот е реализиран од Центарот „Казус“, поддржан од Агенцијата за поддршка на граѓанското општество.

Изложбата претставува визуелен мозаик, каде уметничката чувствителност се испреплетува со реалистичен пристап и тонови, со цел да се прикаже духот на Преспа и нејзините жители.

-Преку објективот на Роланд Бекирај, 30-те дела од изложбата донесоа епизоди од секојдневниот живот на македонската заедница во Пустец: портрети обликувани од времето, убавини недопрени од модернизацијата, пејзажи со величествена и неповторлива убавина, елементи од традицијата и културниот идентитет, како и длабоките корени на ова историско наследство, кое восхитува во секој детали, информираше Општина Пустец.
 
Се оценува дека изложбата пренесува силни доживувања преку една целосна, животна и автентична приказна, која ја "открива нераскинливата врска на жителите од овој регион со нивната единствена културна и историска припадност". 

Градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски, високо го оцени  професионализмот и посветеноста со кои се реализирани делата на оваа изложба, нагласувајќи дека преку фотографската уметност мајсторски се откриени природните богатства на Преспа, културата и духот на македонската заедница, кои со гордост го претставуваат својот етнички и културен идентитет. вт/вг/


Фото: Општина Пустец

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан