• петок, 22 ноември 2024

Во Прилеп трибина за тутунопроизводството: Да се зголемат цените на тутунот за новата реколта

Во Прилеп трибина за тутунопроизводството: Да се зголемат цените на тутунот за новата реколта

Прилеп, 19 февруари 2022 (МИА) - Да се зголeмат цените по класи во сооднос со трошоците на производството пред потпишувањето на новите договори, да се израмнат субвенциите, линеарно, за сите класи на 90 денари, вклучувајќи ја и дополнителната класа, како и вклучување на тутунарите во мерката зелена нафта, бараат од новоформираните тутунски здруженија од Пелагонискиот регион. Тие вечерва одржаа трибина во Прилеп со наслов „Тутунопроизводството - проблеми и решенија“.

Според Игор Мирчески, координатор на новоформираните тутунски здруженија, ова ќе се актуелизира во сите производствени региони во државава, токму во периодот пред да се потпишат новите договори.

- Вакви трибини ќе одржиме во сите поголеми градови. Нашите барања се реални за да биде рентабилно тутунопроизводството. Сега работиме со загуби. Просечната цена едвај достигна 200 денари, а нашите трошоци се 217 денари. Вака не е е одржливо. Затоа ќе ги доставиме совреме нашите барања, изјави Мирчески.

Досега, велат тутунарите, според податоците кои ги имаат од Министерството за земјоделство, се откупени 18 700 тони тутун по просечна цена од 203 денари за килограм.

Кире Ристески, претседател на здружението „Тутунска надеж“ вели дека реколтата не ги исполнила очекувањата оти била откупена по пониска цена.

- Сите се согласивме дека родот беше квалитетен, ама не се постигна добра цена во сооднос со квалитетот. За исплатливост треба да биде 240, па и 250 денари по килограм, вели Ристески.

Тони Ангелески, претседател на тутунско здружение е категоричен дека нема количества иако се планирале 22 000 тони.

-Се склучија договори и се рече дека се на 22 000 тони. Ама, се чини, не излегоа на терен ниту откупувачите, зашто реколтата нема повеќе од 19 000 тони, вели Ангелески.

Од новоформираните здруженија ги предупредуваат откупувачите да не склучуваат договори по стари цени.

- Слушнавме дека некои откупувачи почнале да склучуваат договори, ама нема да дозволиме додека не се зголемат цените. Освен тоа со вакви состојби, нема да има тутунопроизводство, вели Игор Мирчески, координатор на новоформираните тутунски здруженија.

Барањата ќе ги достават до Сојузот на земјоделските и до Министерството за земјоделство.  забележуваат дека на трибината немаше ниту еден претставник од Сојузот на земјоделските здруженија кој е овластен да преговара со откупувачите и со Министерството за земјоделство. ем/сст/

Остани поврзан