Повратниците од странство сакаат економски да се интегрираат во локалната заедница
- Повратниците од странство сакаат економски да се интегрираат во локалната заедница, преку доквалификации и помош за самовработување за да може да го најдат своето место во заедницата, беше констатирано на денешната панел дискусија во прилепската градска библиотека „Борка Талески“ на која се разговараше за предизвците на пазарот на труд и поддршката на малите бизниси. Панел дискусијата беше во организација на УНДП преку Програмата за зајакнување на националните и локалните системи за поддршка на ефективна социо-економска интеграција на повратниците.
Прилеп, 20 декември 2024 (МИА) - Повратниците од странство сакаат економски да се интегрираат во локалната заедница, преку доквалификации и помош за самовработување за да може да го најдат своето место во заедницата, беше констатирано на денешната панел дискусија во прилепската градска библиотека „Борка Талески“ на која се разговараше за предизвците на пазарот на труд и поддршката на малите бизниси.
Панел дискусијата беше во организација на УНДП преку Програмата за зајакнување на националните и локалните системи за поддршка на ефективна социо-економска интеграција на повратниците.
Според Сами Ајдини од невладината организација „Рома Проспекти“ од Прилеп, за 80 од околу 150 семејства, повратници од западноевропските земји, се направени дата-податоци со нивните потреби да се активираат на пазарот на трудот.
- Увидовме дека најголемиот дел од нив треба да ги вратиме во агенциите за вработување како активни баратели и преку таа мерка да оформат сопствени бизниси. Потоа ние како здружение заедно со НВО „Станица П.Е.Т.“ се интегриравме на терен и ги изнајдовме можностите за лицата кои се заинтересирани да отворат свој бизнис и заеднички отворивме 18 до 19 фирми кои се веќе активни и се на пазарот на трудот со сопствен бизнис. Со самовработување. Тоа е благодарение на проектот на УНДП со што направивме драстични промени во заедницата. За првпат во Прилеп се отворени 19 бизниси кои самостојно работат и се активни на пазарот. Од друга страна, им пративнме 80 до 90 активни баратели на работа од Агенцијата за вработување. И сега, имаме вработено од 120 до 130 лица во фирмите кои гравитираат во Кавадарци, Битола и Прилеп. Тие лица заработуваат и се економски зајакнати во општина Прилеп, изјави Ајдини.
Општина Прилеп, заедно со Шуто Оризари и Штип се пилот општини кои учествуваа во овој проект преку кој се реализираа голем број интервенции, насочени кон повратниците од западноевропските земји со фокус на ромската популација. Сетот на интервенции беше, пред сѐ, за да им се помогне во нивната социоекономска интеграција, да се реинтегрираат од средината од која заминале.
- Тоа прво подразбираше интервенции поврзани и со завршување на нивното основно образование, потоа за нивно самовработување, доколку имаат одредено занимање, или пак, директно во некоја од постојните компании. Се констатира за дел од нив дека е неопходно да се стекнат со одредени квалификации за локалниот економски пазар. Голем дел од нив завршија и курсеви, занаети што ги бара пазарот и ги направи поконкурентни на пазарот на труд. Дел од тие што ги завршија куресевите беа поддржани со грантови за самовработување, изјави Наумче Тошовски од УНДП.
На панел дискусијата во Прилеп беа презентирани ромските бизниси и беа доделени сертификати на поединци.ем/ар/
Фото:МИА