Во прилепскиот суд почна судски процес за нарушен јавен ред и мир на празникот 11 Октомври
- Во прилепскиот основен суд денеска почна судењето на прилепчанец кој е обвинет за нарушување на јавен ред и мир. Станува збор за случајот од празникот 11 октомври лани, кога при прославата на
![Во прилепскиот суд почна судски процес за нарушен јавен ред и мир на празникот 11 Октомври](https://mia.mk/images/20221112150032_big_730x400_97.webp )
Прилеп, 15 март 2022 (МИА) - Во прилепскиот основен суд денеска почна судењето на прилепчанец кој е обвинет за нарушување на јавен ред и мир. Станува збор за случајот од празникот 11 октомври лани, кога при прославата на 80-годишнината од почетокот на Народното востание, прилепски активист во криптата на Могилата на непобедените вербално, со зборови, навредливи според обвинението, се обрати до тогашниот премиер Зоран Заев. Обвинението е поднесено од прилепската полиција.
Судијката, кој ја води прекршочната постапка Јованка Јованоска, ни изјави дека процесот денеска почна и не може да коментира за текот на постапката.
![могила 2](/articles/images/%d0%b2%d0%be-%d0%bf%d1%80%d0%b8%d0%bb%d0%b5%d0%bf%d1%81%d0%ba%d0%b8%d0/HGY1jC2sZ/placeholder.webp?use_watermark=0)
- Започна судската постапка за прекршок по Законот за прекршоците против јавниот ред и мир за случај од 11 октомври 2021 година. Подносител е СВР-Битола, ОВР Прилеп. За овој вид прекршок е предвидена парична глоба, рече Јованоска.
Обвинетиот, прилепчанецот Иван Јованоски, како што изјави пред прилепскиот основен суд, не се кае за изречените зборови, ниту дека е виновен за обвинението. Вели дека има повикано сведоци, а меѓу другите е повикан да сведочи поранешниот премиер, Зоран Заев.
![иван јовановски обвинет](/articles/images/%d0%b2%d0%be-%d0%bf%d1%80%d0%b8%d0%bb%d0%b5%d0%bf%d1%81%d0%ba%d0%b8%d0/KkDE4qMGY/placeholder.webp?use_watermark=0)
- Денеска беше првото рочиште. Јас сум обвинет од полициски службеник за нарушување на јавен ред и мир и за омаловажување на „некојси“ премиер и за „некоја“ фиктивна Република која практично не постои, неуставна, „некоја си“ Северна Македонија. Ова е за случката на Могилата на непобедените што се случи на 11 октомври 2021 година. За мене е спорно што моите зборови во изјавата се малку испревртени, и не се тие што ги кажав. Цитирам како службеникот од МВР ги има напишано: „Немаш лице да се појавиш овде, му се п....а на сите што се починати, треба да си славите уште еден празник, таму во Бугарија, не овде, ова не е веќе територија. Јас не реков „ова не е веќе територија“, туку реков „ова не е ваша територија“. Не се чувствувам виновен, стојам зад овие зборови. Истото ова лице, Зоран Заев, ги прави пријатели нашите тогашни непријатели, бугарските фашисти. Јас не се каам и стојам зад реченото. Значи, полициски службеник констатира прекршок. На наредното рочиште, од моја страна, е повикан Зоран Заев дали се чувствува омаловажен. Повикани се и полицискиот службеник и мои сведоци дека овие наведени зборови не се токму така кажани. Постојат видео-снимки. Мене не ми е јасно во кој дел има омаловажување. Го искористив прилепскиот жаргон, изјави Јованоски.
За овој вид прекршок, според Законот е предвидена парична глоба. Судскиот процес продолжува на 15 мај.
Инаку, Иван Јованоски е локален модератор на партијата „Левица“ во Прилеп и е член на советот на општина Прилеп.ем/бт/