• понеделник, 18 ноември 2024

Во прилепската црква „Св Кирил и Методиј“ се чествуваше празникот на сесловенските просветители

Во прилепската црква „Св Кирил и Методиј“ се чествуваше празникот на сесловенските просветители

Прилеп, 24 мај 2024 (МИА) – По повод 24 мај, денот на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј“ во прилепската црква „Св. Кирил и Методиј“, денеска митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар пред голем број верници служеше света литургија, а во црквата се одржа и завршниот настан од едукативните работилници на прилепските основци „Денови на Светите Кирил и Методиј“.

Учениците ги претставија своите дела од работилниците за македонскиот јазик, историјата, како и ликовната уметност, сето поврзано со улогата и значењето на Сесловенските просветители. Организатор на работилниците е здружението „Платформа за креативни концепти“, во соработка со Преспанско-пелагониската епархија и Општина Прилеп.

– Во проектот учествуваа учениците од 7 и 8 одделение од прилепските основни училишта, а ментори им беа професорите Емона Јованоска, Александар Џинго и Горјан Василески. Учениците работеа во три групи: група за пишување и читање, група за историја и група за ликовна уметност. Преку своите творби учениците ни кажаа нешто повеќе за сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, рече Иваноски.

Според владиката Петар, светите браќа Кирил и Методиј се најзаслужните рамноапостоли и најучените луѓе во 9 век кои го просветиле словенскиот род.

– Светите браќа Кирил и Методиј го просветиле словенскиот род со јазикот на Словените. Поточно јазикот од околината на Солун кој е старословенскиот или поточно, старомакедонскиот јазик кој е основата на сите словенски јазици, рече владиката Петар. ем/ра/

Фото: МИА

Остани поврзан