Во Охрид во тек се подготовките за престојниот Богојавленски водосвет
- Чествувањата на верскиот празник ги организира Општина Охрид заедно со Дебарско-кичевската епархија, во духот на христијанската традиција како манифестација што години наназад е една од најмасовните во овој дел од православниот свет.
Охрид, 13 јануари 2026 (МИА) – Привршуваат последните подготовки во Охрид за одбележување на православниот празник Богојавление – Водици, со осветувањето на водите на езерото и традиционалното фрлање на Светиот крст.
Чествувањата на верскиот празник ги организира Општина Охрид заедно со Дебарско-кичевската епархија, во духот на христијанската традиција како манифестација што години наназад е една од најмасовните во овој дел од православниот свет.
По тој повод денеска координативен состанок одржа Организацискиот одбор за одбележување на празникот, на кој беа прецизирани активностите на сите субјекти за непречено и безбедно одржување на настаните предвидени со програмата.
За непречено одвивање на активностите се задолжени општинските јавни претпријатија, чии екипи ќе го уредат просторот околу Градското пристаниште. Ќе бидат дислоцирани сите пловни објекти од Пристаништето, нуркачите од градот се задолжени за чистење на езерското дно во делот на езерото каде ќе влегуваат капачите, централното градско јадро ќе биде свечено украсено...
Илија Ристески од Дебарско-кичевската епархија рече дека пријавувањето на сите оние кои планираат да скокаат по Чесниот крст е веќе во тек. Тој рече дека оваа година има зголемен број верници од другите градови кои планираат за Водици да бидат во Охрид.

- Самата прослава на празникот ќе почне во 7 часот со утринска богослужба во сите парохиски цркви, со централна Божествена литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ со која ќе чиноначалствува неговото високо правосвештенство – Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј. Во 9:45 часот литии од сите цркви ќе се упатат кон Градското пристаниште каде во 10 часот ќе се изврши положување на Чесниот животворен крст во осветените води на Охридското Езеро, рече Ристески.
Предвидено е во текот на самиот ден Богојавление и оваа година точно на пладне на Сараиште де се одржи и масовно крштевање во осветените езерски води, а сите кои ќе изразат желба можат да се крштеваат да се пријават во црквата „Свети Никола Геракомија“.
Световниот дел од празнувањето на Водици ќе продолжи веднаш по осветувањето на водите на Охридското Езеро. Како што појасни градоначалникот Кирил Пецаков, подготовките за културно-забавниот дел се започнати веќе поодамна.

- Останува наредните неколку дена да се завршат сите подготовки за настанот. Водици во Охрид е централна манифестација низ годините, така што наша обврска е организацијата да биде на највисоко ниво, рече тој.
Пецаков очекува дека и оваа година ќе има масовна посетеност на градот за празниците, со најава за присуство на над десет илјади гости, како верници од околните градови така и гости од соседните држави и пошироко.
Манифестацијата по повод Богојавленскиот водосвет во Охрид продолжува и на Денот на рибарите - 20 јануари, поточно прославувањето на празникот Свети Јован Крстител.
И оваа година таа уникатна манифестација се одбележува со традиционалното капење на рибарите, со што своевремено се означуваше крајот на забраната за риболов за време на зимскиот мрест. Последните години наместо рибарите во езерото влегуваат членовите од тајфата на оној што ќе го фати крстот. Целата манифестација се одржува на месноста Сараиште, прослава збогатена со музичка програма и пржени плашици, колбаси, пача, греана ракија и вино за посетителите...

Празнувањето по повод верските празници Богојавление и Свети Јован Крстител во Охрид е една од најмасовните црковно-верски манифестации во овој дел од православието, како според бројот посетители на чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро, така и по бројот верници и гости кои влегуваат во студените езерски води за да го фатат Светиот крст.
Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Toj важи за еден од најголемите христијански празници. Со него завршуваат 12-те т.н. некрстени денови и циклусот зимски празници како Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и други. На Богојавление на полноќ се верува дека се отвора небото, се појавува Бог, а луѓето му се обраќаат за да им ги исполни нивните желби. Во тој миг водите престануваат да течат и стануват лековити. аб/вг/
фото/МИА