Во Основниот суд во Корча се одржа првото рочиште по тужбата на Фондацијата „Бугарска меморија“ против МАЕИ
- Во Корча денеска беше одржано првото рочиште по тужбата на фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија поднесена против македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ.

Корча, 18 февруари 2025 (МИА) - Во Корча денеска беше одржано првото рочиште по тужбата на фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија поднесена против македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ.
- Споменатата фондација ја тужи МАЕИ и бара оштета од 10.000 евра и јавно извинување за клевета бидејќи баравме од албанските власти да ја забрани дејноста на ова фондација во Албанија. Тоа поради корумпирање на албански функционери за асимилација на Македонците во Албанија и дека има изградено криминална група која посредува со бизнисот со бугарските пасоши, издавањето на лажни потврди и влијанието на пописот на населението, изјави за МИА Васил Стерјовски, претседател на партијата.
Фондацијата „Бугарска меморија“ ја застапувале двајца адвокати од адвокатско биро од Тирана, додека МАЕИ од претседателот Стерјовски.
На рочиштето присуствувал Љуфтим Спахиу, вршител на должноста македонски амбасадор, како и претставник од бугарската амбасада.
Исто така, додава Стерјовски, присуствуваше и претставник на Народниот правобранител на Албанија, по повторената жалба што МАЕИ ја испрати до албанските институции и народниот правобранител дека не преземаат мерки против Фондацијата „Бугарска меморија“.
-Со оглед на сериозноста на прашањето и неговите импликации за македонската заедница во Албанија, како и фактот дека Фондацијата „Бугарска меморија“ има за цел да го асимилира македонското малцинство и да ја попречи активноста на единствениот политички субјект што го застапува, побаравме од судското тело одложување на подготвителната седница, посочи Стерјовски.
Причината за ваквото барање, нагласи, е што досега не успеавме да обезбедиме адвокат кој ќе не застапува, кој би го имал потребното време да се запознае со тужбата и да ја подготви нашата одбрана на комплетен и професионален начин.
-Со оглед на тоа што ова прашање е од особено значење за македонската заедница, замоливме да ни одредат нов датум за подготвително рочиште, за да ни овозможи соодветно правно застапување. Адвокатите на Фондацијата „Бугарска меморија“ се спротивставија на ова барање со образложение дека МАЕИ имаше доволно време, од јули 2024 година, кога е поднесена тужбата, да најде адвокат, рече Стерјовски за МИА.
На крајот судијката Гентијана Шукулари го прафатила барањето на Стерјовски и ја закажала следна расправа на 8 април 2025 година. вт/мд/
Фото: Суд Корча-сајт/МАЕИ лого