• петок, 22 ноември 2024

Во недела по 92. пат ќе се доделуваат Оскари, „Џокер" со најмногу номинации

Во недела по 92. пат ќе се доделуваат Оскари, „Џокер
Лос Анџелес, 7 февруари 2020 (МИА) - Во Лос Анџелес в недела ќе биде одржано 92-то доделување на Оскари, а најмногу номинации - 11, има филмот „Џокер" на Тод Филипс. Македонскиот документарец „Медена земја“ режиран од Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е можен добитник на две престижни признанија од американската Академија на филмска наука и уметности. Покрај „Џокер", уште осум филмови се во трката за најдобро филмско остварување за 2019 година. Како најсериозен противкандидат на „Џокер" се спомнува „1917" - филм на британскиот режисер Сем Мендез, што има вкупно 10 номинации. Оваа воена драма на овогодишното доделување на БАФТА наградите го освои признанието за најдобар филм и шест други одличија. Меѓу главните фаворити за најпрестижното признание, е и носталгичната ода на Квентин Тарантино за последните денови на стариот Холивуд - „Беше еднаш во Холивуд", со 10 номинации. Јужнокорејскиот филм „Паразит" на режисерот Бонг Џун-Хо, има шест номинации. „Ирецот“ на Мартин Скорсезе би можел да му донесе уште една награда за најдобар режисер, откако 2007 го доби Оскарот за филмот „Покојните". Ова е, воедно, деветта номинација за Скорсезе во категоријата најдобар режисер. Кога станува збор за поединечните признанија, скоро е извесно дека Рене Зелвегер и Хоакин Феникс ќе ги добијат наградите за најдобра глумица и глумец. Ако Феникс го освои Оскарот за најдобра машка главна улога годинава, тоа ќе биде вторпат ликот „Џокер" некому да му го донесе ова актерско признание, по она на Хит Леџер 2009 година. Бред Пит, со улогата на каскадерот во „Беше еднаш во Холивуд", е главен фаворит за најдобра машка споредна улога. Како и Пит, и Лора Дерн и досега ги освои сите престижни награди во категоријата за најдобра споредна глумица, за улогата на бракоразводна адвокатка во филмот „Брачна приказна", поради што речиси и да нема сомнеж дека на 9 февруари, таа ќе отиде дома и со Оскарот. „Брачна приказна" на Ноа Баумбах е огромен миленик на публиката и критичарите оваа сезона, но ќе се соочи со силна конкуренција во категоријата за најдобро оригинално сценарио, каде во трката се и филмовите „Беше еднаш во Холивуд", чиј сценарист и режисер Квентин Тарантино е двоен победник во оваа категорија, како и „Ирецот". си/сд/

Остани поврзан