• недела, 22 декември 2024

Во Неготино координативен состанок за спроведување на мерките за превенција од коронавирус

Во Неготино координативен состанок за спроведување на мерките за превенција од коронавирус
Неготино, 15 март 2020 (МИА) - Во Неготино се одржа координативен состанок за доследно почитување на мерките за превенција од коронавирус, соопштуваат од неготинската општина. На состанокот биле присутни претставници од институции,  воспитно-образовни установи, ЈЗУ „Здравствен дом “, Полициска станица Неготино, ЈП „ Комуналец “ Црвен Крст, Противпожарна единица, претставници од Советот на општината. - Согласно добиените информации од одговорните од секоја од установите, а следејќи ги мерките на Владата на Република Северна Македонија, донесени се дополнителни заклучоци, препораки и апел кон локалното население за целосно и доследно почитување на неколку мерки. Да не се шири паника и страв меѓу локалното население, бидејќи во Неготино во моментов нема заразен од коронавирусот и да се придржуваме кон мерките и правилно да ги применуваме, информираат од  општината. Со цел поголема превенција на повозрасните граѓани кои спаѓаат во ризичната група, формиран е мобилен тим за помош кој ќе пазари наместо постарите и изнемоштени лица. Секој граѓанин од наведените категории кој ќе има потреба од набавка на лекови, прехранбени производи и средства за лична хигиена,  ќе може да се јави на телефонскиот број 043/ 361 045. - Сите институции и приватни фирми од општина Неготино да користат средства за редовна дезинфекција и хигиена за вработените, за  странките кои доаѓаат од надвор и да одржуваат редовна хигиена и дезинфекција на просториите. Одговорните на воспитно-образовните установи и училиштата да воспостават посилна координација со родителите на децата и учениците и да апелираат  на изолација во домашни услови, појаснуваат од прес службата на општина Неготино. Меѓу мерките е и таа, локалното население да се едуцира за правилно користење на маски, ракавици и други заштитни средства, преку делење на едукативни флаери и преку социјалните мрежи. За пријавување на лица кои доаѓаат од критични подрачја а не се самоизолирале, граѓаните може да пријават на телефоните на полицијата. ПЕ на Министерството за економија е задолжено да преземе засилена инспекциска контрола, а Црвениот Крст да ги разгледа можностите за  преземање на поинтензивни активности во правец на поголемо информирање и  поголема  превентивна заштита на локалното население. -Трговците и другите продавачи за време на пазарните денови  задолжително да користат заштитни дезинфекциони средства, а  такси превозниците и другиот локален превоз на патници да ги редуцира линиите и истовремено да врши редовна дезинфекција во превозните средства. Посебно се потенцира за засилена и  редовна дезинфекција и заштита на работниците кои се превезуваат со автобусите на работа во Дрекслмајер Кавадарци, како би се намалил ризикот и можноста за евентуална зараза. Секоја институција да направи тампон зона за прием на странки и документи. ПС ОН Неготино  да има засилена контрола на влезовите и излезите од градот, да спречува собирање на големи групи на млади на јавни места, паркови, бензински пумпи и  слично. ,,Комуналец и ТППЕ  да вршат редовно миење и дезинфекција на фрекфентните улици во општината.  Локалното население да ја подигне јавната чистота преку сопствено делување и грижа за животната средина. Редовно проветрување, чистење и хигиена во просторот во кој се престојаува или работи подолго време, стои во мерките. Се апелира населението доследно да ги почитува мерките на Владата, а посебно мерката за самоизолација. - Согласно мерките на Владата, физичките и правните лица што не ги почитуваат и кои ги прекршуваат препораките,  ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик, додаваат оттаму. свд/

Остани поврзан