• сабота, 18 мај 2024

Во напад на Ал Каеда во Јемен загинаа двајца припадници на Јужните вооружени сили, а четворица се ранети

Во напад на Ал Каеда во Јемен загинаа двајца припадници на Јужните вооружени сили, а четворица се ранети

Сана, 25 март 2024 (МИА) - Во напад на Ал Каеда на Арапскиот Полуостров (AQAP) во јужен Јемен загинаа најмалку двајца припадници на Јужните вооружени сили, кои се лојални на сецесионистичкиот Јужен преоден совет што го контролира јужниот дел на земјата, додека четворица се ранети.

Нападот се случи доцна синоќа во планинската област Вади Омран, во провинцијата Абјан.

Јужниот преоден совет, што е поддржан од Обединетите Арапски Емирати и успешно го контролира поголемиот дел од југот на Јемен, е во судир со меѓународно признатата влада, иако тие соработуваат во борбата против бунтовниците Хути поддржани од Иран.

Во нивното соопштение се наведува дека вооружени лица ѝ поставиле заседа на патролата и дека тоа довело до неколкучасовна размена на оган. 

Нападот доаѓа откако Јужните вооружени сили во последните неколку недели ги засилија своите напади врз упориштата на Ал Каеда во областа Вади Омран.

Одговорноста за нападот ја презеде Ал Каеда на Арапскиот Полуостров, или AQAP. 

Ова е прв напад откако AQAP предходно овој месец ја објави веста за смртта на својот лидер Калид ал Батарфи, додека Саад бин Атеф ал-Авлаки подоцна беше именуван за нов водач на групата.

AQAP се смета за еден од поопасните ограноци на екстремистичката група, а е активен во неколку региони на Јемен и го користи повеќегодишниот вооружен конфликт во оваа земја за да го консолидира своето присуство во регионот.

Граѓанската војна во Јемен започна во 2014 година кога бунтовниците Хути го зазедоа главниот град на земјата Сана и поголемиот дел од северен Јемен, принудувајќи ја официјалната влада да се пресели во јужниот град Аден. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан