Во Музеј галерија Кавадарци отворена изложба на дела „Боите на Свети Трифун“
- „Боите на Свети Трифун“, е насловена изложбата на дела од 39 македонски ликовни уметници, што вечерва беше отворена во Музеј галеријата во Кавадарци. Настанот е во рамките на одбележувањето на празникот, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.
![Во Музеј галерија Кавадарци отворена изложба на дела „Боите на Свети Трифун“](https://mia.mk/images/20250214195841_big_730x400_28.webp )
Кавадарци, 14 февруари 2025 (МИА) - „Боите на Свети Трифун“, е насловена изложбата на дела од 39 македонски ликовни уметници, што вечерва беше отворена во Музеј галеријата во Кавадарци. Настанот е во рамките на одбележувањето на празникот, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.
Трајче Цветков, виш кустос историчар на уметност, рече дека ова не е само изложба, туку прослава на креативноста, визијата и безграничната моќ на уметноста да не обедини сите.
-Оваа изложба е нешто необично. Обединува 39 уметници, секој со уникатен глас, перспектива и искуство. Не е мал подвиг да се состави ваква колекција, тоа е доказ за длабочината, љубовта и енергијата во светот на современата уметност. Секој од овие уметници го даде своето срце и душа во својата работа, трансформирајќи ги личните наративи, набљудувања и соништа во визуелни приказни кои зборуваат за сите нас. Додека стоиме овде, опкружени со овој неверојатен спој на дела, се потсетуваме на суштинската улога што уметноста ја игра во нашите животи, истакна тој.
Притоа нагласи дека уметноста предизвикува, тера да чувствуваме и размислуваме. Ги покажува моментите на радост, тага, борба и триумф, го отсликува светот околу нас и во неговата убавина и во неговата сложеност. Овие дела, рече тој, ги претставуваат уникатните и најдлабоки гласови на нивните творци, секој придонесувајќи за колективниот дијалог на нашето време и разговорите што ќе ги инспирира.
Цветков додаде дека во свет што е се повеќе фрагментиран, уметноста останува еден од ретките медиуми што ги надминува границите, културни, географски и лични. Тој истакна дека уметноста е мост, кој не поврзува еден со друг и не ја ограничува нашата перцепција, само на тоа што ни е познато и што се случува во нашиот живот.
- Љубители на уметноста, оваа изложба е повеќе од само настан, таа е простор за дијалог, не само со уметниците, туку и еден со друг. Споделете ги вашите мисли, чувства, толкувања, бидејќи со тоа учествувате во многу поголем разговор, кој го надминува ограничувањето на јазикот, нагласи тој.
Цветков подвлече дека на уметниците им должиме огромна благодарност.
- Вашата работа не е само одраз на вашите лични патувања, туку и подарок за сите нас. Вие сте визионери, сонувачи, бунтовници кои го обликуваат нашиот свет, преку вашата креативност. Не предизвикувате да го видиме светот поинаку и да го разбереме нашето место во него, рече Цветков.
Директорот на музејот, Јаким Зимоски се заблагодари на уметниците за соработката и за тоа што се зголемува збирката на дела во оваа културна институција. свд/ев/
Фото: МИА