• среда, 18 декември 2024

Во Мексико претседателски, парламентарни и локални избори, шанса за прва претседателка

Во Мексико претседателски, парламентарни и локални избори, шанса за прва претседателка

Мексико Сити, 2 јуни 2024 (МИА)  - Во Мексико денеска се одржуваат претседателски, парламентарни и локални избори, а право на глас имаат околу 100 милиони луѓе, јавуваат американските медиуми.

Гласачите во 32 сојузни држави ќе изберат претседател кој ќе го замени актуелниот шеф на државата Андрес Мануел Лопез Обрадор, популист кој ги прошири социјалните програми, но не успеа да го спречи насилството на мексиканските картели, оценуваат американските меидуми.

Со водечкиот кандидат на изборите од неговото Движење за национална преродба (Морена), градоначалничката на Мексико Сити, Клаудија Шајнбаум, гласачите денеска ќе ја преоценат политиката на Обрадор, за која таа вети дека ќе ја продолжи.

Анкетите предвидуваат победа на Шејнбаум, а нејзин главен ривал е поранешната сенаторка од Партијата за национална акција Шочитл Галвез, чиј татко бил член на домородниот народ Отоми.

Галвез својот пат кон основање повеќе технолошки компании го почнала многу скромно, продавајќи храна на улица, а минатата година го напушти Сенатот за да ја започне претседателската кампања во која жестоко го критикуваше Обрадор дека не беше доволно строг во борбата против насилството на картелите.

Трет најпопуларен кандидат е поранешниот член на Претставничкиот дом, Хорхе Алварез, од партијата Граѓанско движење, така што Мексико најверојатно за прв пат ќе добие жена претседател.

Главните прашања во изборната кампања беа насилството на картелите и економијата, која под Обрадор одржуваше раст на БДП од еден процент годишно.

 Американските медиуми пренесуваат дека владејачката партија на Морено се надева дека ќе го освои двотретинското мнозинство во Конгресот потребно за промена на Уставот за укинување на надзорните агенции за кои партијата вели дека се неефикасни и расипнички.

Опозицијата, меѓутоа, смета дека таквиот потег ќе ги загрози демократските институции во Мексико.

Претседателот на Мексико се избира за шестгодишен мандат во еден круг гласање, а гласачите денеска ќе гласаат за 128 сенатори, 500 претставници во Долниот дом на Конгресот и за речиси 20.000 позиции во локалната власт.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан