Во Куманово работилница на тема „Остварување на граѓански права и заштита од дискриминација”
- Работилница и дискусија на тема „Остварување на граѓански права и заштита од дискриминација“ се одржа денеска во занаетчискиот дом во Куманово. Претставници од граѓански организации, граѓани, претставници од локалната власт зборуваа за заштитата, препознавањето и спречувањето на дискриминацијата.
Куманово, 24 април 2025 (МИА) - Работилница и дискусија на тема „Остварување на граѓански права и заштита од дискриминација“ се одржа денеска во занаетчискиот дом во Куманово. Претставници од граѓански организации, граѓани, претставници од локалната власт зборуваа за заштитата, препознавањето и спречувањето на дискриминацијата.
Целта на работилниците е да се промовираат човековите права, граѓаните од локалните заедници да се информираат, да ја препознаат дискриминацијата и да пријават. Работилниците е во организација на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Агенција за остварување на правата на заедниците, со поддршка од проектот „Борба против омразата и нетолеранцијата“ на Советот на Европа и Европската Унија.
-Да зборуваме за дискриминација, сегрегација, да допреме до граѓаните на локално ниво, да можат да се информираат и да поднесат претставка, да ја препознаат дискриминацијата. Ова е втора работилница. Важно е да разговараме за овие значајни теми, сметаме дека сите заедно треба да работиме на градење на доверба за да ја унапредиме и државата и општеството. Куманово е Македонија во мало во однос на мултиетничноста и има позитивни примери на почитување на малцински права, но секогаш е важно да се зборува за дискриминацијата, изјави директорот на Агенција за остварување на права на заедниците, Далибор Китановиќ.
Тој нагласува дека сè уште, за жал, има граѓани кои недоволно ги препознаваат формите на дискриманција која се врши по различни основи.
- Почести се примери на сегрегација, во некои училишта каде настава следат претежно ученици од ромската етничка заедница, сè уште има дел од граѓаните кои не ги запишуваат децата во тоа училиште. Наша цел е да го поттикнеме заедништвото, да не дозволиме во 21 век да имаме вакви случаи, рече Китановиќ.
Во Куманово имаше четири презентации на теми од образование, соодветна и правична застапеност, култура и употреба на симболи и јазици на заедниците, заштита од дискриминација. Анализите покажуваат дека во Куманово се почитуваат правата на малцинствата.
Флора Кадриу заменик претседателката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ги повика граѓаните за какви било прашања од областа на дискриминацијата да се обратат до Комисијата. Најмногу дискриманција има во сферата на работните односи, но како што додаде Кадриу ја има и при остварување на права од социјала, пензиско и инвалидско осигурување, здравство, култура.
- Комисијата е механизам и претставува тело на еднаквост. Ги запознаваме граѓаните со форматот на комисијата, нејзината функција, со работата на комисијата со седиштето на комисијата. За жал, немаме претставништва надвор од Скопје, меѓутоа токму затоа со помош на Советот на Европа на ЕУ во соработка со Агенцијата за остварување на правата на заедниците остваруваме вакви работилници во повеќе градови за да можат граѓаните да се здобијат со знаења и со вештини во однос на тоа како тие истите да пријават дискриминација, рече Кадриу.
Граѓаните треба да се спокојни, зашто има институција која може да застане зад нив, кажаа надлежните. Куманово, како што кажа претседателката на советот на Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, котира добро во однос на почитување на малцинските права. Во советот на општината советниците можат да зборуваат на мајчин јазик, на македонски, албански, српски и ромски.
- Секој кој ќе почуствува може да пријави дискриминација. Во однос на вработувањата за нас е важен квалитетот на самата индивидуа, неговите перформанси и професионалност, изјави Ѓорѓиевска.
Работилниците ќе продолжат и во иднина. Работилницата е во организација на Агенција за остварување на правата на заедниците во соработка со Комисија за спречување и заштита од дискриминација, во рамки на проектот „Борба против омразата и нетолеранција“, од заедничката Програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција III“. ам/сст/
Фото Општина Куманово