• четврток, 26 март 2026

Во Куманово промоција на романот „Звукот на тишината“ од Лара Денковиќ

Во Куманово промоција на романот „Звукот на тишината“ од Лара Денковиќ

Куманово, 1 октомври 2025 (МИА) - Кумановската авторка Лара Денковиќ вечерва во 19 часот во Занаетчискиот дом ќе ја промовира својата најнова книга „Звукот на тишината“.

Настанот е отворен за јавноста, а љубителите на литературата ќе имаат можност одблизу да се запознаат со авторката и да слушнат повеќе за процесот на создавање на ова дело кое комбинира интимност, искреност и напнатост до последната страница.

- По успешниот љубовен роман „Не ти, другиот“, пред читателите пристигнува моето второ дело – психолошки трилер што ја открива мојата нова творечка страна. Иако сум студентка на Градежниот факултет, трета година, љубовта кон пишаниот збор секогаш е темелот врз кој го градев мојот внатрешен свет. Ова е само почеток. Верувам и ќе продолжам да ја преточувам инспирацијата во нови и возбудливи дела, изјави Денковиќ.

„Звукот на тишината“ е дело, што според рецензијата на проф. Соња Тодоровска, плени со поетичноста на изразот, но и вознемирува со суровата реалност што ја открива.

-Тишината не е празнина. Таа е најгласниот крик кој секој треба да го слушне, пишува таа, нагласувајќи дека романот е повеќе од психолошки трилер – тој е приказна за надежта, издржливоста на човечкиот дух и храброста да се избере животот пред стравот. ам/мд/


Фото: МИА

Остани поврзан