• понеделник, 23 декември 2024

Во Куманово презентиран втор јавен повик за грантови за развој на социјалните услуги на локално ниво

Во Куманово презентиран втор јавен повик за грантови за развој на социјалните услуги на локално ниво
Куманово, 4 јуни 2022 (МИА) - Претставници на проектот за подобрување на социјалните услуги, пред претставниците на општините и невладините и граѓанските организации од Североисточниот плански регион, денеска во Куманово го презентираа вториот јавен повик за доделување грантови за развој на социјалните услуги на локално ниво кој го спроведува Проектот за подобрување на социјалните услуги, имплементиран од Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светска банка. Присутните имаа можност да слушнат за роковите и постапката за идно аплицирање за грантовите, а беа изнесени и бенефитите за развој на социјалните услуги во локалните заедници за да се поттикне интересот за учество на општините од регионот Помошникот раководител на секторот за социјална заштита во МТСП, Софија Спасовска рече дека преку овој проект се прошируваат понудите за социјалните услуги. Преку проектот, појасни таа, се поддржуваат општините за мапирање на потребите на локалната заедница, на ранливите групи достапноста на услугите, она што е потребно да се развие. - Министерството за труд и социјална политика прави напори да се развијат социјалните услуги да се обезбеди подобар живот, поголемо социјално вклучување на граѓаните во домот, заедницата, во вонсемејните облици на заштита. Овде сме да го промовираме вториот повик, рече Спасовска. Проектот поддржан од Светска банка ќе им понуди на општините да обезбедат социјални услуги спрема потребите на граѓаните. На првиот повик општините добиле различна поддршка, за помош и поддршка во домот за старите лица, дневни центри за поддршка и рехабилитација на деца со попреченост, за активно стареење. - Придобивката е двојна, освен што се обезбедува услуга за ранливите, се дава можност за вработување на тешко вработливите лица, оние кои долгорочно се надвор од пазарот на трудот со ниски квалификации. Преку проектот се обезбедува доквалификација, поминуваат обуки, добиваат работни вештини, стануваат негуватели, изјави Спасовска. Претседателката на Советот на општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска рече дека Куманово е заинтересирано за овој повик, бидејќи како најголема општина во државата има и најмногу потреби, но и стручен кадар кој може да реализира вакви проекти. - И секторот за социјална заштита од општината и кумановските граѓански организации имаат искуство, но и потреба од вакви повици. Општината има средства обезбедено за поддршка на ранливите и маргинализираните, но како најголема општина и потребите се поголеми. Имаме потенцијал да разработиме и да понудиме поддршка за нашите сограѓани, изјави Ѓорѓиевска. Општините кои ќе сакаат да аплицираат ќе добијат и експертска помош, а комисија ќе ги разгледува и оценува алцираните проекти. ам/сст/

Остани поврзан