Во Крушево уникатниот, древен обичај „Дева“ го навести Христовото раѓање
- Со древниот и уникатен обичај „Дева“ во Крушево вечерва беше навестено Христовото раѓање.
Крушево, 5 јануари 2026 (МИА) - Со древниот и уникатен обичај „Дева“ во Крушево вечерва беше навестено Христовото раѓање.
Обичајот „Дева“, познат во Витлеем, Израел, е древен и уникатен што се изведува во Крушево, а не се памети на пошироките простори.
На плоштадот „Никола Мартиноски“ во центарот на градот пред бројните крушевчани и гости, по 13. пат за зачувување на овој обичај, манифестацијата „Дева“ ја изведоа учениците и професорите од средното училиште „Наум Наумоски - Борче“.
Според обичајот, 20 машки деца со давидовата ѕвезда во рацете тропнаа на вратите на крушевчани, ја запееја песната „Дева, деване“ и беа дарувани од домаќините.
Обичајот во основата ја има библиската приказна за ѕвездата што се појавила над Витлеем, навестувајќи го Христовото раѓање.
- Ова емногу стар, редок и уникатен адет. Се одвива само во Крушево и ретко во Европа. Се одвивал низ годините така што машките деца носат шестокрака црвена ѕвезда, ја пејат песната „Дева, деване“, одат од куќа на куќа и добиваат подароци и пари. Нашето училиште веќе 13. година ја спроведува манифестацијата и го одржува овој древен обичај, што го симболизира и го навестува Христовото раѓање. Имаме и две јагненца во импровизираната пештера што го симболизираат настанот. Собраните пари се за првото машко бебе кое ќе се роди по „Дева“. Локалните бизниси и угостителската струка при училиштето за сите посетители и гости приготвија посна трпеза, изјави Зорица Кузманоска, дел од организацијата на манифестацијата „Дева“ во Крушево.
Градот настојува да го одржи уникатниот древен обичај „Дева“. ем/бд/
Фото: МИА