Во Крива Паланка традиционален меморијален турнир во чест на загинатите бранители
- Во Крива Паланка во организација на здружението „Херои на Македонија“ денеска беше положено цвеќе на споменикот на бранителите од МВР пред зградата на полициската станица, по што во спортската сала „Бранители 201“ беше отворен локалниот меморијален турнир во мал фудбал во чест на бранителите.

Крива Паланка, 18 мај 2025 (МИА) - Во Крива Паланка во организација на здружението „Херои на Македонија“ денеска беше положено цвеќе на споменикот на бранителите од МВР пред зградата на полициската станица, по што во спортската сала „Бранители 201“ беше отворен локалниот меморијален турнир во мал фудбал во чест на бранителите.
На настанот присуствуваа бројни делегации, претставници од МВР и АРМ, како и од локалната самоуправа на општина Крива Паланка, предводена од градоначалникот Сашко Митовски.
Општината е покровител на турнирот.
На отворањето говореше претседателот на здружението „Херои на Македонија“, Владе Стојановски, кој рече дека турнирот е спортско величење на херојството на тројцата загинати бранители од Крива Паланка - Јане Јакимовски, Горан Стојановски и Момир Стојановски, од редовите на МВР, како и Орце Илиевски, од редовите на АРМ, кои херојски загинаа во 2001, оставајќи тага и неизбришлива рана, болка, во срцата на најблиските, на семејствата.
- Преку спортските средби што се одржуваат во секој град под покровителство на општините, што веќе 23 години се негува, го чуваме нивното име од заборав, рече Стојановски.
Градоначалникот Митовски исто така се обрати пред присутните.
- Денеска им оддадаваме почит на бранителите од нашиот град. Положивме цвеќе пред споменикот што сведочи за заветот што ни го оставија вградувајќи се во вечноста. Тие ги положија животите за денешниот мир, а ние им оддаваме чест - да не се заборави, да се памети, чува и пренесува споменот за нив, рече Митовски. ид/бд/
Фото: Општина Крива Паланка