• петок, 05 декември 2025

Во Крива Паланка се чествува Голема Богородица, втора вечер и од „Џој фест“ вечерва на плоштадот

Во Крива Паланка се чествува Голема Богородица, втора вечер и од „Џој фест“ вечерва на плоштадот
Крива Паланка, 28 август 2022 (МИА) - Во Крива Паланка денеска се чествува големиот христијански празник, Успение на Пресвета Богородица што се празнува во манастирскиот комплекс Св. Јоаким Осоговски во градот. По повод празникот Денот на рударите, како и утрешниот празник Св. Јоаким Осоговски, патрон -празникот на градот, општината деновиве организира и богата културна програма, тридневниот фолклорен фестивал, како и дводневниот музички фестивал „Џој фест“ што синоќа започна на градскиот плоштад. На втората вечер од деветтото издание на музичкиот фестивал „Џој фест 2022" вечерва ќе настапат „Црвена јабука бенд“ и Нокаут, а за празникот на рударите концерт ќе одржи Аца Лукас. - Општина Крива Паланка се погрижи за беспрекорна организација и менаџирање на настанот и координација, што наиде на одобрување кај жителите на градот кој  беше беспрекорно чист веќе рано утрово, во пресрет на денешниот голем празник, Успение на Пресвета Богородица. Го честитам денешниот голем празник на сите верници од христијанска вероисповед, како и утрешниот патрон празник на светецот заштитник на Крива Паланка, Св. Јоаким Осоговски, изјави градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски. Во чест на празнувањата, како што кажа, се организираат и сите овие големи фестивали и културни настани кои, мора да кажам, бараат голема организација и координација. -Како општина и одговорни за организирање на сите сегменти во градот, реализиравме беспрекорно менаџирање со утврдени паркинг зони, радарска служба за бесплатните паркинзи на шест локации во централниот дел на градот, агенција за обезбедување на настанот, како и навремено одржување на хигиената и расчистување на јавните површини од страна на екипите на јавното претпријатие „Комуналец“, така што, јас сум задоволен од тоа што и граѓаните уживаа и се задоволни од организацијата, посочи Митовски. Упати покана до сите што се во можност, денеска и утре за време на празниците, да бидат гости на Крива Паланка и да уживаат во културната програма, но и да го посетат манастирот кадешто се одржува големо чествување на светителите што го носат името на храмовите во репрезентативниот и преубав манастирски бисер во градот. Програмата на „Џој фест“ синоќа ја отворија Бени и „Нон стоп“, со одлична музика од сопствениот репертоар и познати музички хитовски евергрини. По нив настапи нашата музичка дива, Каролина Гочева, која понуди двочасовно музичко уживање за сите генерации, а со ритмичниот настап на „Брас брадрс“ публиката се забавуваше до раните утрински часови. Водител на фестивалот е познатиот глумец, Гораст Цветковски.ид/вј/

Остани поврзан