Во Крива Паланка се одржа предавање „Постот, моралот и семејните вредности во светлината на Божик“
- Во пресрет на големиот христијански празник, Божиќ, Националната установа Центар за култура Крива Паланка во соработка со Македонската православна црква - Охридска архиепископија, вечерва организираше духовно - едукативен настан посветен на вечните вредности кои ги обликуваат човекот и општеството.
Крива Паланка, 5 јануари 2026 (МИА) - Во пресрет на големиот христијански празник, Божиќ, Националната установа Центар за култура Крива Паланка во соработка со Македонската православна црква - Охридска архиепископија, вечерва организираше духовно - едукативен настан посветен на вечните вредности кои ги обликуваат човекот и општеството.
Предавањето насловено „Постот, моралот и семејните вредности во светлината на Божиќ" предизвика огромен интерес кај граѓаните од најразлични возрасти, кои речиси два часа ги впиваат поуките од библијата што ги пренесе пред јавноста протојереј Дејан Апостоловски од Кумановско - Осоговската епархија, кривопаланечко архиерејско намесништво.
Отец Апостоловски говореше за важноста, значењето на постот, не е само телесен, туку духовен.
За православниот морал, што се состои во тоа да го правиш тоа што води кон спасение.
- Најголема пречка во сѐ што правиме е нашиот ум, затоа, кога одбираме да постиме е избор во кој умот ни дава сила да издржиме, да опстоиме. Вистинската слобода е во тоа да избереме добро кога други одбираат зло. Нема грев што е бесплатен, иако е за без пари и може лесно да се стори, но нема грев што не се плаќа, а го плаќате кога ќе ги загубите мирот и радоста, рече Апостоловски.
Тој говореше за православието дека секој човек е создаден за вечност.
- Нашите дела тука одекнуваат во вечноста, секој наш грев и секоја наша добродетел. Верата без дела е мртва, рече тој.
Со Христовото воскресение сме избавени од смртта, зашто првата смрт е гревот, а втората е телесната. Православен сум заради тоа што нашата вера е вера на надеж и вечен живот, рече отецот, навестувајќи ја радоста на празниците кои доаѓаат, мирот и љубовта во семејството, љубовта кон ближниот, кон соседите, браќата и сестрите.
Во соборниот храм Св. Великомаченик Димитриј во Крива Паланка утре изутрина ќе се служи Света божествена литургија, се по повод големиот христијански празник, Бадник, денот што го навестува Христовото раѓање, ќе се организира Бадникова поворка во организација на локалната самоуправа на Општина Крива Паланка, по што, на пладне, ќе се одржи голема Бадникова прослава и делење лепче со паричка за граѓаните и сите верници присутни на градскиот плоштад. ид/ев/
ФОТО: МИА