Во Крива Паланка свечено одбележан Денот на независноста
- Денот на независноста, „8 Септември“, свечено беше одбележан во Крива Паланка со положување цвеќе на спомен - бистата на паднатите борци од народноослободителната борба, пред зградата на локалната самоуправа.
Крива Паланка, 8 септември 2025 (МИА) - Денот на независноста, „8 Септември“, свечено беше одбележан во Крива Паланка со положување цвеќе на спомен - бистата на паднатите борци од народноослободителната борба, пред зградата на локалната самоуправа.
Цвеќе положија делегација од Општина Крива Паланка, предводена од градоначалникот Сашко Митовски, делегација од Советот на Општина Крива Паланка, предводена од претседателката, Изабела Павловска, делегации од општински јавни установи, подрачни единици на национални институции, од училиштата, сојузот на борци, од МВР и делегации од политички партии.
- Денес стоиме обединети под светлината на големиот празник, симбол на остварениот вековен идеал на македонскиот народ за самостојност и независност, чин што не е само политички, туку чин што ја претставува длабоката морална определба за зачувување на суверенитетот на македонската држава, што го отвори патот кон нови хоризонти. Низ годините ја градевме нашата државничка зрелост и го трасиравме патот кон подобро утре. Денес ги славиме заедништвото, одлучноста, храброста и визијата за иднината. Посакувам следниот „8 Септември“ да го славиме остварувањето на сонот на бројни генерации, заслуженото место на Македонија под европското сонце, порача во обраќањето градоначалникот Митовски. ид/бд/
Фото: Горан Стојановски