• понеделник, 25 ноември 2024

Во Крива Паланка инсталиран систем за мониторинг на потрошувачката и намалување загуби на вода

Во Крива Паланка инсталиран систем за мониторинг на потрошувачката и намалување загуби на вода

Крива Паланка,14 март 2024 (МИА) - Општина Крива Паланка инвестираше 15 милиони денари за инсталација на современ систем за мониторинг на потрошувачката на вода, со кој ќе се детектираат и загуби на вода во системот за водоснабдување, но и дефекти и реони за санација на водоводната мрежа.
Финансиските средства се обезбедени од Министерството за животна средина и просторно планирање, проектот е аплициран од страна на општината за јавното претпријатие „Комуналец".

-Поставени се електронски уреди за далечинско отчитување на потрошувачката на вода на 12 мерни локации во градот. Со овој проект ЈП „Комуналец" изврши реонизација и сегментација на водоводната мрежа што ќе придонесе за: детектирање на загубите на вода по реони, придобивки за претпријатието во насока на детектирање дефекти, таргетирање идни чекори за реконструкција на водоводната мрежа и регулација на притисокот на вода во водоводната мрежа во Крива Паланка. Инвестираме во намалување на загубите на вода и зачувување на водата како значаен природен ресурс за одржливо живеење, нагласи градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Проектот е во завршна фаза, целта е со инсталираните мониторинг уреди за далечинско очитување да се постигне намалување на загубите на вода во системот преку точен увид за консумпцијата на вода во Општина Крива Паланка, со што ќе се зголеми ефикасноста на работата на јавното претпријатие.

Инсталирани се вкупно 12 мерни шахти на различни локации во градот и приградските населби, од кои најголем процент се веќе ставени во функција. ид/дма/


Фото: Општина Крива Паланка 

Остани поврзан