• понеделник, 23 декември 2024

Во кочанско Оризари почна Меѓународниот фестивал „Традиционални Ѓурѓовденски обичаи, песни и ора“

Во кочанско Оризари почна Меѓународниот фестивал „Традиционални Ѓурѓовденски обичаи, песни и ора“

Кочани, 4 мај 2023 (МИА) – Во организација на Фолклорниот ансамбл „Љупчо Сантов“ од Оризари, Кочанско, по повод верскиот празник Ѓурѓовден, од денеска до сабота се одржува десеттото издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Традиционални Ѓурѓовденски обичаи, песни и ора“.

Пред отворањето на фестивалот организаторите најавија богата програма со народни обичаи по повод празникот, како и концерти со изворна музика во Оризари и општина Зрновци. Во програмските содржини учествуваат околу 500 млади фолклористи од македонски и фолклорни ансамбли од Словенија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Бугарија.

-Одбележувањето на празникот Ѓурѓовден на овие простори има долга традиција во исполнувањето на верските, но и секојдневните животни потреби на населението. Бројни се обичаите поврзани со здравјето, плодноста и преминот од зимскиот кон летниот период, а наша цел e да ги продолжиме и да ги зачуваме од заборавот. Покрај традиционалните песни и ора, во рамки на фестивалската програма ќе прикажеме биење млеко, правење масло и матеница, месење ѓурѓовденски зелник, а ќе има и дегустација на традиционални домашни јадења. Младите членови на нашиот фолклорен ансамбл ќе се натпреваруваат во стари игри, како влечење јаже, скокање со вреќа, носење јајце во лажица и слично, истакна Александар Тошев, претседател на фолклорниот ансамбл „Љупчо Сантов“.

Фестивалот чија цел е зачувување и претставување на материјалното и духовното богатство околу празникот Ѓурѓовден е поврзан со пролетното будење на природата и периодот на интензивни активности во земјоделството и сточарството.

Финансиската поддршка за реализација на програмските содржини на фестивалот е обезбедена од Министерството за култура, од општините Кочани и Зрновци, како и од бизнис секторот од регионот. та/цр

фото: ФА „Љупчо Сантов“ - Оризари

Остани поврзан