• петок, 22 ноември 2024

Во Кочани се одржува државниот натпревар по роботика од First Lego лигата

Во Кочани се одржува државниот натпревар по роботика од First Lego лигата
Кочани, 26 февруари 2022 (МИА) – Средното општинско училиште „Гошо Викентиев“ од Кочани денеска е домаќин на државниот натпревар по роботика од First Lego лигата за европскиот континент. На натпреварот учествуваат седум екипи со седумдесетина натпреварувачи и петнаесет ментори од Кочани, Скопје и Тетово, кои се во иста група со екипите од Грција. - Горди сме што по четири години ние повторно сме домаќини на овој натпревар, со оглед што целата идеја и кај нас да се организира национална First Lego лига почна од нашето училиште. Специфичните услови поради пандемијата имаа видливо влијание за намалување на бројот тимови кои се натпреваруваат, но сепак успеавме да го одржиме континуитетот. Овогодишната тема е „Карго конект“, односно решавање на предизвиците за иднината на транспортот на стока, преку креирање иновативни решенија за испорака на пакети и помош при катастрофи. Сето тоа е дел од проектните активности на ОН за одржлив развој, преку создавање одржлива инфраструктура, истакна Гордан Анастасов, претседател на македонската First Lego лига. Државниот натпревар се одржува во соработка со Факултетот за информатика на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Академијата за роботика и иновации од Скопје, Ротари клубот Кочани – Виница и Општина Кочани. Победникот од овогодишниот натпревар по роботика, што ќе биде прогласен вечерва, ќе учествува на меѓународното натпреварување што треба да се одржи во јуни годинава. Домаќин требаше да биде Русија, но поради актуелните случувања со воената криза, организирањето на настанот му е доверено на Бразил. та/мс/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан