Во КИЦ Софија отворање изложба на ДЛУМ „Експериментален цртеж“
- Во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија утре со почеток во 18.30 часот ќе се одржи отворањето на изложбата на Друштвото на ликовните уметници на Македонија со наслов „Експериментален цртеж“.
Скопје, 18 септември 2025 (МИА) - Во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија утре со почеток во 18.30 часот ќе се одржи отворањето на изложбата на Друштвото на ликовните уметници на Македонија со наслов „Експериментален цртеж“.
Изложбата ќе биде отворена во присуство на претседателката на ДЛУМ – проф. д-р Јана Манева Чупоска, претставници на управниот одбор, совет и членови на Друштвото.
Како што соопшти КИЦ-Софија, учествуваат 42 ликовни уметници - Синиша Новески, Иво Пецов, Јасмина Главинче, Стефан Младеновски, Татјана Ристовска – Керакамика, Јана Јакимовска, Ана Ивановска, Ненад Тонкин, Ирена Паскали, Дејан Иванов – Маргуш, Дијана Томиќ-Радевска, Марина Цветановска-Мартиновска, Стефан Јакимовски – Стеф, Марија Сотировска-Богдановска, Марија Мицова-Гацова, Кирил Гегоски, Валентина Илијевска, Ристо Мијаковски, Љубица Мешкова-Солак, Гоце Божурски, Ивона Велковска, Страхил М. Петровски, Борче Богоевски, Трајче Чатмов, Ангел Димовски, Душан Георгиевски, Златко Глигоров, Ана Спасова, Христина Зафировска, Ацо Таневски, Стефан Анчевски, Филип Јовески, Јана Манева-Чупоска, Јовица Мијалковиќ, Шќипе Мехмети, Софија Грабулоска, Златко Хаџи Пецов, Анета Стојчевска, Драган Вреговски – Алпи, Марија Чепешиева, Слободан Милошески, Љупка Делева.
-Ако класичниот цртеж во својот израз мора да ги содржи сите ликовни елементи и принципи во една класична композиција, контрапост на ваков ликовен концепт е обидот на авторите да креираат нов визуелен експеримент во цртежот со рекомпонирање на сите ликовни елементи и принципи. Улогата на експерименталниот цртеж е да ги поместува границите на класичниот цртеж. Со своите неограничени методи на експериментирање и изразување, се креира концептуална форма која има за цел да создаде целосно нова композиција, преку различните техники но и различниот мисловен концепт на поставка на самото дело. Визуелна та експерименталност се обидува да ги прошири границите на уметниковата форма, креирајќи авангардна ликовна уникатност, наметнувајќи нови идеи наспроти традиционалните концепти на изразување. Изложбата „Експериментален цртеж“ која е дел од програмските изложби на ДЛУМ претставува една од најзначајните изложби. Во својот континуитет на реализација се забележува нејзиниот квалитет во изразување на уметничкиот обид на авторите за креирање на цртежи со метафоричен и слободен визуелен израз. Експериментот во творештвото на уметниците, не се акцентира само во техниката на изразување туку и во тематскиот концепт на изразување. Темата како ликов но наративен и концепциски пристап е исто така дел од самото уметниково изразување, каде во комбинација со техниката на изразување, авторите сублимираат целосно нов експериментален ликовен концепт, стои во соопштението на КИЦ-Софија во појаснувањето на изложбата.
Според проф. д-р Јана Манева Чупоска, претседател на Друштво на ликовни уметници на Македонија, ДЛУМ ќе продолжи да го негува ваквиот авангарден концепциски пристап во своите програмски изложби, а авторите и во иднина ќе имаат можност да бидат дел од вакви креативни концепти каде експериментирањето со уметноста ќе биде предизвик за сите творци кои се пронаоѓаат на овој ликовен хоризонт.
Современиот третман н цртежот во глобални рамки доживеа длабока промена – од подготвителен, дел на процес медиум во самостојна, концептуална уметничка практика. Цртежот како базичен израз во визуелниот говор доживува длабоко преиспитување на авторството, идентитетот и коментарот како во глобални, така и во делата на современите автори од Македонија – цртежот станува јазик за мапирање на телото, психата и длабоките емоции со општествени коментари: цртежот ги спојува личните наративи со социополитичка критика и рефлексија.
Уметниците го ослободуваат цртањето од традиционалните ограничувања, прифаќајќи го не само како алатка за претставување туку и како нов простор за истражување и интервенција. Со ваквото ре-формулирање на линијата, цртежот, долго време сметан за најнепосреден и најинтимен ликовен медиум, се трансформира со отстапување од традиционалната концепција како подготвителна или илустративна практика, кон онаа што е автономна, концептуална и материјално експанзивна. Овој отворен начин на размислување го означува појавувањето на експерименталниот цртеж како динамична и често интердисциплинарна практика која континуирано се развива.
ДЛУМ има за чест на оваа традиционална изложба „Цртеж, експериментален цртеж“ да претстави дела како во традиционална смисла, така и цртежи кои претставуваат концепт и длабока рефлексија и отстапуваат од воспоставените норми. Линијата во претставените дела е вектор на истражување, способен да артикулира процес, време, отелотворување и субјективност.
Оваа година во претставените дела, цртањето ги отвара новите простори со преиспитување на површината и трајноста на хартијата како фундамент на овој ликовен медиум. Уметниците презентираат цртање со нетрадиционални материјали – чад, конец, метална жица, силиконски лепак.... Во други дела уметниците истражуваат гест и процес, третирајќи го чинот на цртање како перформативен и на тој начин вклучен во секојдневната реалност, но не разбрана како илустрација, туку како размислување преку процесот. Значаен е растечкиот интерес за материјалните и просторните димензии на цртежот. Посебно треба да се потенцира определбата на уметниците да го користат цртежот како средство за деконструкција – на иконичноста, архивата, на себеси. нд/дма/
Фото:Плакат