• петок, 26 април 2024

Во Карбинци се поставуваат контејнери за електричен отпад

Во Карбинци се поставуваат контејнери за електричен отпад

Карбинци, 3 април 2024 (МИА) - Во Општина Карбинци за првпат се поставуваат контејнери за собирање на електричен отпад. Поголем сад денеска се постави пред општинската зграда, а помали контејнери се поставуваат во сите подрачни училишта на територија на Карбинци, како и во селата во подплачковичкиот и плачковичкиот регион. Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов на денешната прес-конференција рече дека на ваков начин ќе започне селекцијата на отпад и користење на придобивките од истиот.

-Во овој случај се работи за селекција на електричен отпад и на територија на Општина Карбинци ќе бидат поставени неколку собирни места или контејнери за електричен отпад. Големиот контејнер ќе биде поставен тука до самата општинска зграда, а помали канти ќе бидат поставени во сите училишта на територија на Карбинци, изјави Паунов.

Населението во Карбинци во наредниот период ќе има можност преку едукативни летоци да се запознае со начинот на складирање на отпадот и можноста да се користат контејнерите за собирање електричен отпад. Директорката на ЈП „Плачковица“, Елена Коцева вели овие флаери ќе бидат доставени со сметките за вода.

-Бенефитите од поставувањето на контејнерите за собирање електричен отпад прво ги очекуваме како заштита на животната средина и е една новина која се воведува на територија на Општина Карбинци. Со сметките за вода ќе се доставуваат и флаери, едукативни летоци преку кој граѓаните ќе знаат како да го складираат отпадот и на кој начин да го прават тоа, вели Коцева. вдј

Фото: Општина Карбинци

Остани поврзан