• петок, 05 декември 2025

Во Кавадарци одржана тркалезна маса „Да се соочиме со предизвиците и стигматизацијата“

Во Кавадарци одржана тркалезна маса „Да се соочиме со предизвиците и стигматизацијата“

Кавадарци, 29 април 2025 (МИА) - Законски измени се потребни за поголеми права на лицата со попреченост, беше кажано на денешната тркалезна маса што се одржа во Кавадарци. „Да се соочиме со предизвиците и стигматизацијата“ е насловот на тркалезната маса, на која беше презентирана анализата од спроведената анкета во рамки на проектните активности. Тркалезната маса беше настан во рамки на истоимениот проект, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија во рамки на програмата Цивика Мобилитас.

Меѓу барањата за законски измени, меѓу другото, беа споделени и тие овие лица да бидат ослободени од плаќање здравствени услуги, вистински да се воведе пристапен доктор, не само да има физичка пристапност до ординацијата туку и да е мобилен докторот, да може да врши преглед и во домот на пациентот, да се овозможи лекување во странство на товар на Фондот за лица со потешки дијагнози кои се одбиени да бидат примени во државните болници, лицата со посебни потреби сегде и секогаш да имаат приоритет, лицата со таква дијагноза за ретки болести по дефолт треба да добијат инвалидска пензија која ќе биде столб за нивно одржување во општеството, а не да примаат некои средства во висина на најмалите социјални исплати, задолжителна обука за здравствените работници за работа со лицата со попречености, помалку документација за бесплатни помагала.

- Станува збор за шеста по ред тркалезна маса во рамките на овој проект, во кој  ја отпочнавме дебата во Вардарскиот плански регион, но и во целото наше општество, каде ги соочуваме проблемите и предизвиците на лицата со попреченост од една страна со медицинската фела, социјалните работници и други општествени чинители од друга страна, особено во процесот на прифат и третман на лицата со попреченост во медицинските установи и други институционални установи во нашето општество, информираа организаторите на настанот.

Притоа истакнаа дека веќе ги имаат отворено темите кои за некои граѓани и институции се едно големо табу, но за значен број наши сограѓани и организации се вистински предизвик да се справат со проблемите и пречките на животниот пат во секојдневието на своето работење и живеење.

- Резултатите од оваа анкета ќе бидат претставени пред скоро цела публика лица кои учествуваа во изминатите пет тркалезни маси од трите општини Неготино, Кавадарци и Велес, и тоа претставници од медицинските установи, локалните институции, организации, самите лица со хендикеп, нивни старатели и други чинители кои се во блиска релација со проблемите и можните решенија за лицата со попреченост во целина, нагласија организаторите на настанот. свд/мд/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан