• недела, 05 мај 2024

Во Индонезија за време на изборите од исцрпеност починале 71 доброволец

Во Индонезија за време на изборите од исцрпеност починале 71 доброволец

Џакарта, 19 февруари 2024 (МИА) – Индонезиските власти денеска соопштија дека 71 доброволец починале поради исцрпеност додека работеле на изборите одржани во земјата минатата недела.

Претседателот на Изборната комисија Хашим Асјари рече дека уште околу 4.000 луѓе се разболеле поради замор за време на изборите одржани на 14 февруари.

И на овие избори е регистриран голем број смртни случаи, и покрај владините мерки со кои беше воведена старосна граница за волонтерите и нарачани дополнителни здравствени прегледи, откако на претходните избори во 2019 година починаа повеќе од 500 лица ангажирани во изборни активности. За време на минатонеделните избори, кои траеја шест часа, на избирачките места беа распоредени пет милиони волонтери.

Над 200 милиони граѓани на Индонезија имаа право да гласаат на изборите за претседател и потпретседател на земјата, пратеници во националното собрание и во локалните власти. Изборниот процес во земјата предвидува деноноќна работа на распределба и броење на гласачките ливчиња, што може да трае и до 12 часа по затворањето на гласачките места.

Индонезискиот министер за одбрана Прабово Субианто прогласи победа врз основа на неофицијални резултати со повеќе од 50 отсто од гласовите што наводно ги добил во првиот круг, но конечните резултати ќе бидат објавени до 20 март. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан