• вторник, 12 ноември 2024

Во Европа се повеќе кражби на предмети со нацистички мотиви

Во Европа се повеќе кражби на предмети со нацистички мотиви
3 февруари 2021 Дојче Веле   Во последниве години, сè почесто се пријавуваат украдени или фалсификувани предмети со нацистички мотиви. Сега вниманието го привлече серија кражби во Холандија и Данска. Во август 2020 година, шест лица ја искршија вратата на воениот музеј „Ајвитнес“ (Eyewitness) во холандскиот град Бек, ги искршија витрините и украдоа артефакти од времето на нацизмот во вредност од 1,5 милиони евра. На криминалците им биле потребни само шест минути за да ја извршат кражбата. И, очигледно точно знаеле што сакаат да земат. Во октомври, сличен грабеж се случи во воениот музеј во Осендрехт, повторно во Холандија. Таму, крадците пристапија помалку грубо, но не помалку дрско - украдоа, меѓу другото, и многу кукли во историски униформи, како и оружје. Во овој случај, штетата е околу еден милион евра. Голем број музеи преземаат чекори за да спречат кражби Во врска со овие случаи, Франс ван Венрој, директор на Воениот музеј во холандскиот град Лун оп Занд одлучи да не стои со скрстени раце и да чека да страда неговиот музеј. Тој презеде мерки за зголемување на безбедноста на експонатите, вклучително и приборите за јадење на Адолф Хитлер и Хајнрих Химлер и нацистички униформи. Венрој дополнително ја зајакна влезната врата на неговиот музеј. Неговите колеги во Воениот музеј во Оверлон враќаат вредни предмети привремено обезбедени од холандскиот Институт за воена документација - вклучително и една од книгите во кои се евидентирани смртни случаи во логорот Аушвиц-Биркенау. Сепак, следната кражба не се случи во Холандија, туку во Данска. Ноќта на 3 ноември непознати лица украдоа 20 експонати од германскиот музеј „Нордшлезвиг“ (Nordschleswig) во данскиот град Зондерборг. Во соопштението од музејот се вели: „Сторителот или сторителите идентификувале предмети поврзани со националсоцијалистичкото минато на германското малцинство. Станува збор претежно за разни униформи. Тие се многу вреден трофеј за колекционерите, што е можен мотив за кражбата“. Интересот за нацистичките предмети расте Сè уште не е јасно дали најновите кражби се поврзани. Сигурно е дека нацистичките предмети сега се повеќе барани од кога и да било. Порталот Aртнет известува дека зголемената побарувачка доведува до сè повеќе фалсификати – како што се востанови при подготовката на една изложба за холокаустот во Буенос Аирес, кога голем дел од експонатите се покажа дека се заменети. Во меѓувреме, копии во големи размери се прават во Бугарија, Полска, Украина, па дури и во Пакистан, како што изјави еден аукционер за „Артнет“. Меѓу најценетите предмети од нацистичкото време, заедно со униформите, беа и шлемови, воени ордени за заслуги, ками и лични работи во сопственост на високи офицери или нацисти. На аукции, предмети од ваква природа обично достигнуваат високи цени. Восхит кон злото? Историчарот професор Арнд Бауеркемпер од Берлин, кој е експерт за нацистичката диктатура и односи кон националсоцијализмот, исто така, забележа пораст на интересот за нацистичките предмети во последните десет години. Според него, три различни мотиви играат улога во ова: одредено воодушевување од националсоцијализмот, сè пооддалечениот и шеговит однос кон темите од минатото, како и комерцијалната димензија. „Ова е ситуацијата со мотивите на оние кои ги вршат делата. Но, ние треба да ја погледнеме и другата страна: кој бара такви предмети? Ова доведува до една група што споделува десни екстремистички склоности, но исто така и до луѓе кои не се политички мотивирани, кои му се восхитуваат на националсоцијализмот , рече Бауеркемпер. Фетишизацијата расте со текот на времето Растечката дистанца од нацизмот и истребувањето на последните живи сведоци предизвикува загриженост кај Бауеркемпер: „Дистанцата игра голема улога ако земеме предвид, на пример, како на една забава британскиот принц Хари се маскира во генерал Ромел - нешто смешно и несовесно“. Случајот е од 2005 година, а принцот се појави со кукаст крст на ракавот, за што подоцна јавно се извини. Сепак, има луѓе кои купуваат предмети со нацистички мотиви за да не паднат во погрешни раце. Во 2019 година, либанскиот бизнисмен Абдала Шатила купи на лицитација лични предмети на Адолф Хитлер за да му ги предаде на „Јад Вашем“, израелскиот централен споменик на жртвите на холокаустот. паг/    

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан