• недела, 22 декември 2024

Во Долно Лисиче ќе биде отворена подрачна единица за земјоделство

Во Долно Лисиче ќе биде отворена подрачна единица за земјоделство
Скопје, 28 јули 2021 (МИА) - Нова подрачна единица за потребите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се отвора во Долно Лисиче со што ќе им се овозможи на земјоделците што гравитираат во овој реон полесен пристап до услугите на министерството, информираат од Општина Аеродром. Како што пренесуваат од локалната самоуправа, градоначалникот Златко Марин, и министерот Аријанит Хоџа, денеска извршиле увид во месната заедница „Долно Лисиче“ во општината, со цел да ги разгледаат можностите и капацитетите за отворање подрачна единица во Долно Лисиче, токму на оваа локација, како заеднички проект на Општина Аеродром и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Дополнуваат дека посетата на Долно Лисиче била искористена за разгледување на можностите за руралниот развој, односно искористување на средствата од ИПАРД-фондовите. Притоа, пренесуваат дека бил извршен увид на еден од веќе реализираните проекти, поточно езерото рибник „Јасика“ во Долно Лисиче, со што, како што наведуваат, министерот Хоџа изразил задоволство на потенцијалите што ги нуди просторот и дал поттик за зголемување на можностите за развој на земјоделството и руралниот туризам преку инвестиции во аквакултурата. Според податоците на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, земјоделскиот сектор постојано расте, а бројот на регистрирани земјоделски стопанства е во нагорна линија, особено кај младите и кај жените земјоделци. Тие активно се вклучуваат како корисници на мерките и политиките на Министерството, креирани за да стимулираат и да поддржат идеи и проекти со развојна компонента што ќе влијае врз домашната економија. ар/са/

Остани поврзан